Стотици студенти од Македонија летото го поминуваат работејќи во рестораните и во хотелите во големите европски градови. Ниту германскиот Минхен не е исклучок, па македонски јазик може да чуете на касите на многу ресторани за брза храна, болничките ходници или хотелите, каде што всушност и работат најголем дел од нив, пишува Дневник.
Речиси е еден часот по полноќ, минхенските улици се полупразни, а единствените локали кои с` уште работат се турските ресторани за брза храна и познатите брендови како „Мекдоналдс“ и „Бургер кинг“. Влегуваме во еден од нив, нарачуваме храна на англиски јазик, а вработената се мачи да не разбере. „Веројатно знае само германски“, коментира турист од Англија, кој чека во редот. Плаќаме и одеднаш се слуша довикување од соседната каса: „Уморна сум, ајде да направиме пауза“ и тоа на македонски јазик.
Двете седнуваат да јадат надвор. Имаат пауза од половина час, па им се придружуваме. На нивните лица веднаш им се појавува насмевка кога го слушаат својот мајчин јазик.
Марија е од Kочани, студира на Филолошкиот факултет во Скопје, а нејзината колешка Виолета е студент на битолскиот универзитет. И двете веќе трета година по ред летото го поминуваат во Минхен.
– Првите две години дојдов преку посредничка агенција од Македонија, а годинава се договоривме со газдите и тие ни ги средија документите. Цел ден сме на работа, се работи и во три смени, но и се заработува добро. Дозволата за работа ни важи 90 дена и потоа мора да се вратиме во Македонија. Престојуваме во изнајмени станови по повеќе студенти бидејќи така се заштедува – вели Марија.
Студентите од Македонија патот за странство најчесто го фаќаат преку агенции за посредување кои им помагаат да ги средат документите. Една од нив е и скопската „Kонтекст“. Сопственичката на агенцијата, Александра Божиновска вели дека оваа година за Минхен испратиле околу 50 студенти, а во Германија околу 400. Уште 150 студенти, пак, се во Франција и во Америка.
– За да можат да бидат дел од овие програми студентите треба да имаат статус на редовни студенти, да имаат елементарни познавања од јазикот на државата во која сакаат да заминат и желба за работа – вели Божиновска, која додава дека за услугите за посредувањето студентите за Германија плаќаат од 6.000 до 12.000 денари во кои е вклучено и патничко и здравствено осигурување како и двомесечен курс по германски јазик.
Целиот текст можете да го прочитате на веб-страницата на Дневник.