Почнувајќи од септември годинава имам можност да престојувам еден семестар на Beijing Normal University (БНУ) во Пекинг – Кина. Иако првичната идеја ми беше да го споделам моето лично искуство со студентското домување тука, како интернационален студент сметам дека мојот пример нема да го долови типичниот студентски живот на еден кинески студент. Зошто го велам ова? Со желба да привлече што повеќе интернационални студенти БНУ нуди посеби сместувачки капацитети слични на оние од Западна Европа и Америка. Па така, за цена од 200 до 250 евра интернационалните студенти може да одберат помеѓу еднокреветна или двокреветна соба опремена со телевизор, клима-уред и сопствена бања. За одржување на хигиената во собите на дневна база се грижи посебен персонал задолжен за тоа.
Но, реалноста за кинеските студенти е малку поразлична од мојата и би рекол слична во некои сегменти на онаа на нашите студенти сместени во студентските домови. Имено, слично како и кај нас, сместувачките капацитети на БНУ се пренаселени и не соодветствуваат со европските препораки и стандарди за домување кои налагаат обезбедување на минимум од 10m2 по студент. Па така, во соба од нешто помалку од 15m2 се сместени дури четворица студенти.
Најголем дел од универзитетите, што не е случај и со БНУ, нудат и осум креветни соби со слична квадратура. Сепак, кога се зборува за проблемот со сместувачките капацитети во студентските домови треба да се има на ум и општата пренаселеност на делови од Кина кои го создаваат ваквиот проблем. Иако кинеската влада континуирано инвестира во зајакнување на т.н. регионални унивезитети во помалите градови, сепак метрополските универзитети во Пекинг, Шангај, Ухан и Шиан привлекуваат најголем дел од студентите. Она што може да се напомене како позитивен исклучок од сето ова е дека БНУ успева да обезбеди студентско сместување за близу 90 проценти од студентите кои доаѓаат надвор од Пекинг. Имајќи ги предвид високите цени на пазарот за приватно сместување кои може да достигнат и по 350 евра по соба, во зависност од тоа во кој дел од градот се наоѓа, месечните расходи за студентско домување на БНУ се далеку пониски и изнесуваат околу 30 евра месечно.
Кај нас, слично како и во Кина, и покрај тоа што студентските домови не ги исполнуваат ниту основните услови за домување (тука не мислам само на големината на собите), сепак релативно ниската цена на студентско сместување која се движи од 50 до 70 евра месечно е пресуден фактор за големата побарувачка на ваков тип сместување. Она што е загрижувачки фактор кај нас е статистика дека нешто под 10 проценти од целокупната студентка популација живее во студентски домови. Иако бројот на студенти во последните пет години е зголемен за повеќе од 40 проценти и таквиот нагорен тренд се очекува да продолжи и во иднина, капацитетите за студентско сместување се речиси непроменети.
Тргнувајќи од глобалниот тренд кон омасовување на високото образование и зголемениот број на новозапишани студенти, БНУ има изработено долгорочна стратегија за потребата од реконструирање на постоечките студентски домови, но и изградба на нов студентски кампус во наредните 10 години кој би обезбедил повисок студентски стандард и доближуање до европските практики во оваа сфера. Како универзитет кој е дел од проектите 211 и 985 на кинеската влада за креирање на универзитети со светско реноме, БНУ добива дополнителни средства за инвестиции од капитален карактер.
За крај, важна разлика помеѓу БНУ и македонските универзитети (со исклучок на Штуловиот универзитет) е тоа што студентските домови на БНУ се во склоп на самиот кампус факултети, и нудат придружни објекти за научна работа, рекреација и социјализација. По примерот на англо-американските универзитети во склоп на кампусот на БНУ се изградени и 50 метарски затворен базен, затворена спортска сала со капацитет од 1500 гледачи, две фудбалски игралишта, тениски терени, концертна сала и библиотека на шест спрата.
Мартин Галевски- МОФ дијаспора