Студенските домови во Холандија се резервирани главно за бруцошите, а факултетите овде ја нудат сета можна помош за да им помогнат на интернационалните студенти полесно да се снајдат во новата средина, вели Елена Мицајкова, која веќе втора година студира во Холандија. За Радио МОФ таа раскажува: како се добива место и како тече животот во студентски дом во Холандија.
„Факултетите во Холандија кои очекуваат интернационални студенти се свесни дека ќе се соочат со луѓе кои не се добро запознаени со околината, условите и сите начини да стигнеш до сместување, па затоа и при првата година од студиите добиваш поддршка од страна на факултетот за сместување. Поддршката од факултетот (Universiteit Utrecht) најчесто се содржи во тоа што тие ќе те насочат кон агенции кои се задолжени за сместување на студенти во градовите каде што има универзитети, и кои имаат соработка со самите универзитети. Така и јас стигнав до агенцијата која ми понуди сместување во еден од интернационалните студентски домови во Утрехт, International campus Utrecht.
Кампусот на кој живеев минатата година се состоеше од комплекс за студентско сместување и згради кои ги користи колеџот на Утрехт и економскиот факултет од универзитет. Местото беше симпатично и секогаш средено, па ретко кој познаваше дека тоа некогаш било касарна на холандската војска.
Студентските домови не се сите исти, и не сите изгледаат како мали дворци. Некои имаат изглед како обични станбени згради, други се само како коцки наредени едни врз други, но искуството меѓу студентите е интересниот момент во живеењето во секој од нив.
Можеби и затоа градот е рангиран меѓу првите десет со најдобри архитектонски решенија за студентски домови.
За условите во живеалиштата немам многу да се пожалам. Обезбедено е греење и топла вода во секој период од денот во текот на целата година, а сите студентски домови имаат свое обезбедување кои се грижи за безбедноста на комплексот.
За повеќето студенти, живеењето во студентски дом низ целото студирање е реткост. Агенциите се наоѓаат со обврската приоритетот да го даваат на новите студенти и ним да им помогнат со сместувањето, така што постарите студенти често се приморани да го напуштат ваквото сместување по година или две. Периодот кој е дозволен за сместување најчесто е со поради идејата дека студентот е соочен со нова средина и дека пронаоѓањето сместување би му било товар.
По поминат одреден период во студентски дом, се смета дека студентот е доволно спремен и запознаен со средината во која студира и дека може да си побара приватно сместување. Никогаш не е исклучена можноста да се остане во студентскиот дом, но за постарите студенти најчесто тоа не е опција поради долгиот процес на аплицирање, кој речиси сите сакаат да го избегнат.
За приватно смстување, студентот е оставен сам на себе, со сите свои капацитети за пребарување и друштво што е расположено за барање станови. Повеќето студенти се групираат и изнајмуваат куќи или повеќесобни станови. Но, како студент, не си им омилениот клиент на агенциите за сместување. Некогаш се случува да чекаш со месеци за соба, а некогаш добиваш и наредниот ден. Често има и ситуации кога студентите кои бараат сместување поминуваат низа интервјуа со група која бара цимер/ка со цел да видат дали си соодветната личност за нивното друштво. Овој процес често е со негативно искуство за интернационалци, бидејќи повеќето од сопствениците преферираат „домашни”.
Моето лично искуство покажа дека ако имаш добар круг на луѓе (и некои кои одат на размена во странство) можеш да најдеш добро сместување со интересно друштво. Но, ваквата приказна не ја делат сите, и речиси секој има различно искуство.“
Елена Мицајкова, студент на Utrecht University