Македонски ученик влезе во „Германската железница“

Германски „Süddeutsche Zeitung“ ја објави приказната за млад Македонсец, кој по завршувањето на гимназијата во родната земја, од 1 септември почнува со т.н. дуален систем на школување за електротехника во „Германска железница“.

Железница

Теодор Костовски е еден од вкупно 3.700  учесници кои годинава почнуваат со школување во „Германска железница“(Deutsche Bahn). За во месец март да дојде на разговор од час и половина во Минхен тој морал да патува 30 часа со автобус, и уште толку за назад.

„Тоа за мене не беше важно. Навистина сакав да добијам место за школувањето“. Костовски ги сака „Германски железници“, но и од коммпанијата покажала интерес за младиот македонски ученик.

„Германска железница“ последните 5 години вработила 40.000 лица.  Демографските промени не ја одминаа ниту оваа државна групација, која вработува 300 000 лица. Сегашните вработени во компанијата се со просечна старост од 46 години. Секоја година неколку илјади соработници заминуваат во пензија. За сите нив мора да се најде замена. Компанијата изминатите 5 години вработила 40 000 нови соработници, како и 18 000 ученици и студенти.

Со оглед на тоа што добрите работници се ретки, железницата мора да се потруди да ги добие, а потоа и да ги вработи. Целта на „Deutsche Bahn“ е до 2020 година да стане најомилен германски вработувач. Компанијата нуди 50 различни занимања: од машиновозачи, преку менаџери во индустријата, па се до чистачи на објектот.

Младиот Костовски на почетокот ќе живее кај својот вујко. Се радува на новите луѓе и пријателства, како и на учењето германски јазик. По завршениот занает за електротехничар, тој има желба да студира математика и физика, пишува „Süddeutsche Zeitung“.

Извор: Süddeutsche Zeitung / DW