Серијата на презентации на македонски уметници Центар-Јадро денес (14 август) од 19 часот ја заокружува со онлајн преглед на творештвото на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, автор кој припаѓа на генерацијата уметници кои се вклучуваат на сцената во почетокот на 21 век.
„Јовановиќ, е еден од нашите најприсутни и најактивни уметници на локалната и регоналната ликовна сцена, чија кариера континуирано се развива во повеќе различни насоки, акумулирајќи исклучително богат и репрезентативен опус“, велат од Центар-Јадро.
Во последните речиси две децении, неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми се изложувани на бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Преку мноштво слики и цртежи, инсталации, објекти, интерактивни, партиципативни и колаборативни проекти, но и како иницијатор и организатор Јовановиќ дава значаен придонес во развојот на современата уметничка сцена.
„Делата кои се препознатливи по еден специфичен тип хумор, допираат сериозни теми што се однесуваат на општествениот контекст, јавниот простор и слободата на изразување, отворајќи прашања важни во актуелните момент“, соопштува Центар-Јадро.
Во презентацијата, Јовановиќ ќе се осврне на еден специфичен дел од својот опус, преку дела кои се развивани со цел надминување на фокусот од уметничкиот предмет, во насока на интерактивност и колаборативност.
Меѓу делата за кои ќе стане збор се „Депресијата на новогодишната ноќ“ (2005), „Рецесијата на новогодишната ноќ“ (2008), „Исповедите на еден јадач на колачи“(2010), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ (2014), „Радио Слободно Скопје (2015/16).
„Преку нив ќе ни открие повеќе и за својата инспирација, неговиот пристап, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се создадени, изложувани и презентирани“, велат од Центар-Јадро.
Сите заинтересирани што ќе го проследат разговорот и презентацијата на уметникот ќе можат да се вклучат со свои прашања и коментари.
Инаку, програмата „Македонски визуелни уметници“ ја реализираат преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.