Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП Центар-Јадро продолжува со серијата разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби.
Овој пат тоа на 5 декември (понеделник) од 19:30 часот е Искра Димитрова, која се вбројува меѓу уметниците кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена над три децении. Нејзините дела се различни медиуми како перформанс, видео и инсталација, изложувани на самостојни и групни изложби во земјата и странство.
„Во фокусот на нејзината работа е истражување и преиспитување на релациите со природниот амбиент, со фокус на телото како непосредна природа и искуство, како и живиот свет и еколошките проблеми во урбаната средина. Со различен пристап кон специфичната тема, делата зборуваат за границите помеѓу приватниот интимен простор и јавното, за позицијата на жената, како и функционирањето на медиумската сфера и начините на креирање на јавното мислење – дела кои таа ги обликува како просторни интервенции, инсталации и акции. Во последните години работи на долгорочни активистичко-уметнички проекти кои се однесуваат на градежната експанзија и узурпацијата на приватниот, но и јавниот простор“, соопштува Центар-Јадро.
Во презентацијата и разговорот кој ќе го води кураторот Владимир Јанчевски, ќе биде направен преглед на творештвото на Димитрова со фокус на некои од највпечатливите дела, меѓу кои и нејзиниот последен голем проект „@Траги“ (Национална галерија – објект Чифте Амам, 2019).