Во кафе-книжарницата „Буква“ во четврток (1 јули) од 20 часот, Центар-Јадро ја продолжува серијата презентации на македонски уметници со преглед на творештвото на визуелниот уметник Никола Узуновски, преку неговите дела кои се изложувани во земјата и странство во последните две децении.
„Узуновски припаѓа на генерацијата автори кои се активираат во новиот милениум, период кога станува алармантна ситуацијата со опстанокот на планетата и се актуелизираат прашањата за смислата на уметноста, нејзината општествена улога и односот со науката и новите технологии“, се вели во најавата за настанот.
Преку презентацијата, велат од Центар-Јадро, уметникот ќе направи преглед на делата создавани во различни медиуми, на различни теми, низ кои ќе нѝ овозможи увид во неговата методологија на работа, изворите на инспирација, важноста на колективната работа и едукацијата на полето на визуелните уметности и теоријата на уметноста, низ неговото лично искуство.
Ќе бидат претставени некои од неговитепозначајни проекти, како што се „Одејќи“ (Национална галерија-Чифте амам, 2007), потоа неговиот најпознат и најнаградуван проект „Моето сонце“ (Венециско Биенале, 2009; АКТО, 2010), „Соларни облаци“ (Бангкок, 2013), па сѐ до најновите како „Сакај ја иднината“ (МСУ, 2020), како и контекстот во кои тие се настанати.
„Узуновски своите дела ги конципира врз основа на комбинирање на концептуални стратегии со теми кои се поинтимни, со цел да го испровоцира гледачот и да го вклучи поактивно во заокружувањето на уметничкото дело, преку неговите искуства, желби и сеќавања. Во разговорот ќе се осврнеме и на некои позначајни меѓународни групни изложби на кои учествувал Узуновски, како и околу неговата улога и учеството во активностите на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА во периодот од 2011-2015 година, како е „Разбуди се!“ (март 2013) и видеото „OUT NOW (јули 2014)“, се вели во најавата во настанот.
Инаку, оваа програма Центар-Јадро ја реализираат преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.