Во кафе-книжарницата „Буква“ денес (четврток, 17 јуни) од 20 часот, Центар-Јадро ја продолжува серијата презентации на македонски уметници со преглед на творештвото на визуелниот уметник Оливер Мусовиќ, дела кои се изложувани во земјата и странство од крајот на 1990-те години до денес.
„Овој период во светот но и кај нас се поклопува со низа драматични случувања и радикалната промена на општествениот модел, како и актуелизирањето на идентитетските прашања одразени низ сложениот однос на личните и колективни наративи. Преку преглед на делата создавани во oвој подолг временски период, опфаќајќи различни тематски преокупации, фази и извори на инспирација, авторот ќе направи обид на публиката да и доближи неколку од неговите позначајни проекти, како што се „Минимаркет“ (Отворено графичко студио, 1997/98), „Соседи“ (МСУ, 2002), „Претседателска палата“ (МСУ, 2003), како и контекстот во кои тие се настанати“, се вели во најавата за настанот.
Од Центар-Јадро, објаснувајќи го концептот за серијата презентации, велат дека во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена.
Организаторите потенцираат дека многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, велат тие, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност.
„Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерацископоврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво илиќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти“, соопштуваат организаторите.
Оваа програма ја реализираат преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаат дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.