Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изрази силна осуда за воените дејствија кои Русија утрово ги презеде над Украина. Според него, овие активности неминовно ќе водат кон ненадоместлива загуба од човечки животи и материјална штета.
„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“, вели Пендаровски.
Осуда за воениот напад врз Украина стигна и од премиерот Димитар Ковачевски. Претходно Владата на седница донесе препорака Северна Македонија да се придружи кон сите одлуки на ЕУ за рестриктивни мерки во поглед на ситуацијата во Украина.
„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, стои во соопштението до јавноста на премиерот.
Претседателот Стево Пендаровски за денеска во 14 часот свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.
Владата на денешната седница ја разгледа и информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина.
„Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата“, соопштија од Владата.