Македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на меѓународниот филмски фестивал „Julien Dubuque“ (JDIFF), соопшти „ДМФ Филмс“.
На фестивалот, кој се одржа од 24 до 28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и
режисерот Игор Алексов.
„Она што го издвојува ‘JDIFF’ од другите фестивали е неговиот силен фокус на заедницата. Филмаџиите се поканети да останат во домовите на локалните жители кои ги отвораат своите врати за нив. Фестивалот нуди и бесплатен превоз до проекциите и знаменитостите во општината, како и бесплатна храна за сите филмаџии. Бидејќи повеќето места се во непосредна близина, учесниците можат лесно да се сретнат и да воспостават нови контакти. Фестивалот е признат како еден од врвните настани од ваков вид, добивајќи место на листата на ‘MovieMaker’ ’50. филмски фестивали вредни за влезница во 2024′ и е меѓу топ 100. најдобро рангирани фестивали на FilmFreeway.com“, велат од „ДМФ Филмс“.
Филмот е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат . Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување.
Главните улоги во „Лена и Владимир го толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски и Kирил Коруновски.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).