Македонскиот хеви-метал состав „Конспираси“ (Conspiracy) неодамна се претстави и пред публиката во Србија, во склоп на нивната прва „огнена“ турнеја надвор од дома.
Оттаму соопштија дека посетиле четири градови во соседна Србија, односно дека нивниот енергичен перформанс за првпат можеше да го почувствува публиката во Ниш, Вршац, Белград и Књажевац.
Првата станица беше Ниш, каде бендот настапи во рамките на меѓународниот фестивал „Asymmetry Fest“ каде покрај нив, настапија бендови од Србија, Грција и Бугарија.
„Следната станица беше меѓународниот ‘Wind Rock’ фестивал во Вршац. Conspiracy со својот еуфоричен настап ги освои симпатиите на публиката освојувајќи го првото место според гласовите од публиката. На ред беше Белград. Љубителите на тешкиот звук во престолнината на Србија, во клубот ‘Under’, во овие летни горештини беа доведени до точка на топење. Се случуваше вистински делириум проследен со ‘шутки’, многу пот и задоволство на лицата на присутните фанови“, велат од „Конспираси“.
Нивната турнеја низ Србија заврши со настап во Књажевац каде настапија на Фестивалот на алтернативна култура.
Инаку, составот на „Конспираси“ го сочинуваат Стефан Трајкоски (вокал и гитара), Александар Стефановски (тапани), Адриан Петров (гитара) и Раде Биковски (бас).