„Зборувањето правилно и пишувањето правилно на македонскиот јазик треба да биде нашиот престиж. Кога тоа ќе го направиме, мислам дека полесно ќе го заштитиме јазикот. Во моментот кога оној што не знае да зборува добро и не знае да акцентира правилно, ќе се засрами од сопствениот акцент, тогаш ќе постигнеме нешто. Во моментов не само што не се засрамува, туку не е ни свесен дека акцентот или изговорот му е лош“.
Со овие зборови, раководителката на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Искра Пановска – Димкова ја отвори вчерашната трибина „Состојбите во современиот македонски јазик – Јазикот во и на медиумите“.
На јавниот настан излагачи беа новинари од редакциите на Македонската радио телевизија, телевизиите Телма, Алфа, Алсат, 24 Вести, електронскиот портал Сакам да кажам, Македонското радио, весникот Нова Македонија и радио Метрополис. Се разговараше за секојдневната употреба на јазикот во медиумскиот говор, вметнувањето нови странски зборови, како и за тоа колку при студиите по новинарство му се посветува внимание на правописот и правоговорот.
Прва зборуваше новинарката Ленче Смилевска од МРТВ која се осврна кон феминитивите и нивната ретка застапеност во обраќањето на новинарите кон јавноста.
„Вообичаено кај нас за професиите лекар, професор, лекар, во женски род велиме лекарка, професорка, секретарка. Но, кога станува збор за носител на јавна функција, гледам дека новинарите низ медиумите обично сметаат дека тоа треба да биде жена претседател, жена министер, жена премиер. Треба да се прецизира дека кај нас правилно, јазично е да се вели претседателка, премиерка, министерка, пратеничка, а не како што потпишуваа име и презиме па тире, пратеник во собрание“, рече Смилевска, патем додавајќи и дека не треба да се бега ни од акцентските целости, особено од задолжителните, бидејќи тие, како што рече, се дистинктивно обележје на македонскиот јазик.
„Пречи и тоа што многу од новинарите лесно прифаќаат странски изрази. До скоро отпечатокот од прст го учевме, го поправавме. Само што успеавме да ја исправиме оваа јазична грешка, почнаа новинари, политичари да велат ‘фингерпринт’ , ‘фингерпринтови’, му ставивме наш член и сметаме дека сè си има, ама нашиот отпечаток каде е?“, забележа новинарката.
Васко Поп-Петревски, новинар во Алсат телевизија посочи дека е важна практиката на јазикот, особено при студиите по новинарство по што упати предлози кон професорите кои денес им предаваат на идните новинари.
„Обидете се да предавате што повеќе применет јазик. Би било добро иден новинар да знае дека ‘иста жар’ е двородова именка и дека може да биде и ‘истиот жар’. Или, новинар не мора да знае што е nomina agentis, но на пример добро е да знае дека ‘дрводелец’ се пишува слеано. Мислам дека на тој план имаме можност и за заеднички здружени ангажмани и тоа да лобираме и да бараме јавни пари за да се подготват материјали, практикуми, работни листови кои ќе служат како основа во изучување на стандардниот јазик. Но, може и да се прават обуки на веќе активните новинари“, дециден беше новинарот.
Новинарот и уредник во Сакам да кажам, Горан Михајловски спомена за потребата од вработување лектори во медиумите што со новиот Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик кој Владата го усвои пред неколку дена, станува задолжителна обврска на медиумите регистрирани во Македонија.
„Нам ни фалат лектори. Јас не знам дали во нашите медиуми има лектори, освен во Македонската радио телевизија. Ние се трудиме, немаме лектор, но имаме хонорарен лектор. Јас се трудам моите текстови кога ќе ги објавам да ги прочита лектор иако понекогаш, морам да признаам се карам со лекторот бидејќи и вие некогаш знаете да бидете јазични талибанци, а јас сакам малку повеќе да си играме со говорот, меѓутоа на крајот пак го прифаќам неговото мислење. Како да се направи да имаме лектори; со присила, со закон, можеби и со субвенции. Затоа што, ние и од министерства, од Владата, од официјални институции добиваме дури и честитки кои се неписмени, кои се отстапка од македонскиот стандарден јазик“, истакна Михајловски.
Горазд Чомовски, новинар во 24 Вести рече дека македонскиот јазик треба да се негува постојано, не само во време, кога се загрозува однадвор или, како што рече, по кампањска потреба.
„Сите на некој начин партиципираме во недоволното негување на македонскиот јазик. Било да сме ние новинари, медиуми, автори на емисии, но и вие како Филолошки факултет, Институтот за македонски јазик, Македонската академија на науките и уметностите итн. И сега ќе ве прашам, ќе заврши и ова и што ќе биде заклучокот? Иднината на сите е кај нас, сите треба да допринесеме на некој начин за пред сѐ да го афирмираме јазикот дома, а не да чекаме официјална Софија да ни каже не постои македонскиот јазик“, заклучи Чомовски.
На трибината се обратија и новинарките Нина Стефанова од Телма, Искра Коровешовска од Алфа, Сузана Тодоровска од Македонско радио, Јасминка Павловска од Нова Македонија и Маја Казакова од радио Метрополис.
Инаку, по повод вчерашниот датум, 5 мај – Денот на македонскиот јазик Министерството за култура организираше панел-дискусија во насока афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а беа одржани и повеќе културни настани низ Македонија. Како дел од програмата за одбележување синоќа преку видео-проекции на повеќе институции во земјава се прикажаа цитати од македонски автори.
Ангела Бошкоска