Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ кој беше во конкуренција со 4140 кратки филмови од светот влезе во официјална селекција на филмскиот фестивал во Оденсе, Данска.
Во официјалната селекција влегоа 149 филмови од 39 земји меѓу кои и филмот „Мала Шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот Аудиовизуелен Центар.
Краткометражниот филм „Мала шега“ раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура.
Продуцент и монтажер на филмот е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а костимограф е Марта Дојчиновска.
Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.
„’Мала шега’ е приказна за љубовта и најстрашното нешто во животот на еден тинејџер – анксиозноста од она што претстои. Како што Надија се приближува кон крајот на своето средношколско патешествие, таа се соочува со клучна одлука што ќе ја обликува нејзината иднина. Дали треба да остане во својот роден град меѓу познатото и нејзините стари пријатели? Или треба да оди во странство и да студира? Едно момче ја прави оваа одлука особено тешка да се донесе. Кога чувствата се само другарски, а кога нешто повеќе? Оваа внатрешна борба се развива во позадина на една опасна авантура која секогаш се чини дека кулминира со исповедта ‘Те сакам, Надија!’“, стои во соопштението.
ОФФ фестивалот (Меѓународен филмски фестивал Оденсе) се одржува секоја година од 1975-та во Данска, а кратките филмови кои се прикажуваат на овој фестивал се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА).
Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26-ти август до 1-ви септември во Оденсе, Данска.