Македонскиот краткометражен филм „Влакна“, работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова, со Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ во главните улоги, ја освои наградата за најдобар трилер на годинашниот Канадски интернационален филмски фестивал што се одржува во Ванкувер. Филмот ќе биде прикажан на 9 април заедно со другите добитници на наградите на оваа престижна манифестација.
По нецели две години од освојувањето на наградата „Gold Remi“ во категоријата за краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Worldfest Houston“ во американската држава Тексас, оваа крими-сторија деновиве ја доби и наградата за најдобар трилер на престижниот Канадски интернационален филмски фестивал што се одржува во Ванкувер.
Во првичната реакција, сценаристката и режисерка вели дека е радосна од ваквиот след на настаните затоа што трилерот е жанр со којшто таа израснала како автор и творец.
„Признанието ми доаѓа буквално не само за сите филмови од овој жанр што ги изгледав туку и за стилот на пишување што го учев во Лос Анџелес, затоа што тој, да речеме, е токму за ваков тип на филмови – со градење на исчекување, на мистерија. Впрочем, награда на интернационален фестивал е дефинитивно голема работа, но награда за соодветниот жанр којшто сум се трудела да го совладам низ годините, е уште поголема почест за мене“, вели Венинова во изјава за Радио Слободна Европа.
Венинова потсетува дека „Влакна“ не е само почеток на нејзиното жанровско истражување, конкретно во она што се нарекува трилер – мистерија, туку и самиот претставува пилот-проект за телевизиска серија којашто со целиот тим ја имаат развиено и за којашто се надеваат дека еден ден ќе ја снимат. Згора на тоа, тој е и дел од долгометражно сценарио. Зачеток на нешто уште поголемо со што би се бавела во претстојниве неколку години.
„Наградата мислам дека ќе ни биде убав исчекор кон тоа уште повеќе да се мотивираме и со конкретни чекори да реализираме нешто повеќе од „Влакна“. Дали телевизиска серија или долгометражен филм, сеедно. И тоа не само кај нас, затоа што мислам дека како производ, како приказна, делото допира до секаква публика, така што дефинитивно планираме да се обидеме да најдеме финансирање и надворешни извори за да направиме убава серија којашто би била гледлива за пошироката публика“, вели таа.