Македонскиот народен театар (МНТ) и Националниот театар во Будимпешта (Nemzeti Színház) потпишаа меморандум за соработка и станаа партнери кои ќе реализираат заеднички проекти и размени на претстави од двата театри, информираат од МНТ.
„Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти. Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници“, велат од МНТ.
Како што додаваат, една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создаваме нови естетски вредности и креативни искуства.
„Веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар во Скопје. Исто така, по повод јубилејот ’80 години МНТ’, наш драг гостин ќе биде директорот на Националниот театар Атила Видњански со неговите најблиски соработници“, истакна директорот на МНТ, Никола Кимовски.