Македонскиот независен краток игран филм „Мавера“ во режија на Батухан Ибрахим е селектиран во официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана, а својата албанска премиера ќе ја има во програмата Балканска компетиција.
Приказната ги следи двете сестри, Билјана и Вики, кои се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата сестра Билјана ја носи одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нивниот татко е починат.
„Филмот дури беше во фаза на развивање и снимање, генерално реакциите од многуте наши колеги од оваа област беа дека ова е преголем залак и лудило, затоа што ние бевме финансиери на филмот и со помош на прекрасната екипа успеавме филмот да го снимиме во 12 снимачки дена. Тука почувствувавме дека независниот филм во нашата држава сеуште се перцепира како незериозна, но нашите успеси со овој филм покажаа дека тоа не е така, дека филм кој што не е поддржан од државата исто така може да направи големи успеси, односно дека успехот и квалитетот на филмот не е го одредуваат парите и изворот на финансирањето. Се надеваме дека ваквиот принцип на работа ќе ги мотивира нашите колеги. Македонскиот независен филм постои и ќе се издигнува“, велат продуцентите на филмот.
Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз.
Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска – Костовска.
Инаку, минатата година на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм – “Данчо Чеврески”. Оваа година „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Clermont-Ferrand.