Според последното рангирање на силата на државните пасоши, Северна Македонија се најде на 42-рото место, што ја става земјава во горната половина на листата од вкупно 199 различни светски пасоши според новиот Индекс кој го изработуваат „Хенли и Партнерите“.
Со македонскиот пасош без виза можат да се посетат 125 држави, додека виза е потребна за 102 светски дестинации. Во споредба со минатата година, земјава на рангирањето има раст од пет позиции.
Од регионот најмоќни пасоши имаат Грција (7-мо место) и Словенија (10), а пред С. Македонија се наоѓаат и Бугарија и Хрватска (17), како и Србија (36). Од македонскиот, послаби пасоши имаат Црна Гора (43-мо место), Босна и Херцеговина (47), Албанија (49) и Косово (103).
Северна Македонија највисок скор имала во 2014 година кога се наоѓаше на 36-тото место во светот според овој индекс.
На светско ниво, како и минатата година, азиските држави се предводници според силата на пасошите. Најмоќен пасош во светот имаaт Јапонија и Сингапур, чии граѓани можат безвизно да патуваат во вкупно 192 земји во светот. На врвот на листата се наоѓаат уште и Германија и Јужна Кореја, кои го делат второто место и со чии пасоши може да се патува без виза во 190 држави.
На последните три места се наоѓаат Авганистан, со чиј пасош може безвизно да се патува во само 26 држави, како и Ирак и Сирија.