Сите четири македонски состави кои влегоа во финалната фаза на регионалното натпреварување за млади и неафирмирани артисти „Converse rubber tracks“, завршија како победници и ја освоија главната награда.
„June“, „Cloud town“ и „Визија“ од Скопје и „Këpurdhat“ од Тетово се меѓу седумте победници на натпреварот, што значи дека од 4 до 7 мај ќе можат да работат во професионални услови во славното „Студио М“ во Нови Сад. Тоа што ќе го сработат ќе биде под надзор на продуценти од „Converse rubber tracks“- студиото од Бруклин, како и од нивните српски колеги.
По серија музички работилници во Скопје, Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сплит, Сараево и Бања Лука, на 1 март започна конкурсот на кој се пријавија повеќе од 100 бендови од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Со онлајн гласање потоа беа одбрани 15 финалисти, а за победничката седумка одлучуваше жири, чии членови беа Мирела Приселац Реми од Елементал, Владимир Радусиновиќ Радуле од Атеист рап и Марко Селиќ Марчело.
Останатите три состави кои ја добија наградата: Виолета и Шајзербитерлемон од Белград и Раскид 13 од Панчево.
„Cloud town“ конкурираа со „The lounge room“ (ft. Jonin, Dj Drama Zad agolot), „June“ со „Live out loud“, „Визија“ со „Гласот на мојата душа“ и „Këpurdhat“ со „The unknown“.