Во последнава деценија бројот на корисници на македонските библиотеки е намален за повеќе од шест пати, додека бројот на членови речиси се преполовил, покажаа новите податоци кои ги објави Државниот завод за статистика.
Во споредба со 2010 година, кога имало над 6,4 милиони корисници, минатата година библиотеките имале само нешто над милион корисници, што е намалување од 83%. Најголем е падот кај јавните (народни) библиотеки, на кои бројот на корисници им се намалил од преку 3 милиони на само 150 илјади корисници, што е пад од огромни 95%. Голем пад има и кај Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (-77%) и високошколските библиотеки (-73%).
Истовремено опаѓа и бројот на членови на библиотеките. Додека во 2013 година имало највисоки, речиси 155 илјади членови, лани во библиотеките низ земјава имало запишано нешто под 84 илјади членови. Во овој период најголем пад има НУБ „Св. Климент Охридски“, која изгубила 75% од членовите, а голема негативна разлика имаат и библиотеките – национални установи (-50%), јавните (народни) библиотеки (-48%) и високошколските библиотеки (-41%).
Бројот на библиотеки има нагло намалување минатата година. Додека во 2016 и 2019 имало 175 библиотеки, минатата година функционирале 160 библиотеки.
Покрај НУБ „Св. Климент Охридски“ во земјава има и 67 високошколски библиотеки, 46 специјализирани библиотеки, 40 јавни (народни) библиотеки, 5 библиотеки – национални установи и една општо-научна библиотека.
*Според методолошките објаснувања на Државниот завод за статистика, член на библиотека е секое лице запишано во библиотека со цел да позајмува библиотечен материјал за користење во или надвор од библиотеката, додека корисник е секое лице кое ги користи услугите на библиотеката. Ако едно лице во текот на годината повеќе пати земало на користење библиотечен материјал се појавува како корисник онолку пати колку што позајмувало библиотечен материјал.
Даниел Евросимоски