Македонските четвртооделенци се најдоа на 34-тото место од 43 држави од светот според читање на резултатите од Меѓународната студија за читање – PIRLS 2021.
На тестирањето основците од државава просечно имале 442 поени, што е под границата од 500 поени кои во истражувањето се земени како средишна просечна точка од која државите отстапуваат позитивно или негативно.
Доколку се споредиме со земјите од регионот кои учествувале во студијата, македонските ученици во читање се подобри само од нивните врсници во Косово (421 поени), а се послаби од Црна Гора (487), Албанија (513), Србија (514), Словенија (520) и Бугарија (540).
Само еден процент од нашите ученици успеале да го достигнат напредното ниво според тестирањето, додека 11% постигнале високо ниво на меѓународното тестирање. За споредба, просекот на ученици во напредно ниво на тестирањето бил 7%, а за високо ниво 36%.
Македонските четвртооделенци стојат уште полошо доколку се погледнат резултатите во кои се вклучени дополнителни 14 држави кои тестирањето го извршиле малку подоцна, на почетокот на 5 одделение. Северна Македонија на оваа листа се наоѓа на 47-то место од вкупно 57 држави кои учествувале во студијата. Од регионот подобри се и Хрватска која се најде на високото 7-мо место со 557 поени.
Кога ќе се погледнат трендовите, може да се забележи дека С. Македонија има исти резултати како и на тестирањата во 2001 и 2006 година, кога последен пат учествувале во оваа меѓународна студија.
На врвот на меѓународното тестирање се најдоа четвртооделенците од Сингапур (587 поени), додека во првите пет се и Хонг Конг (573), Русија (567), Англија (558) и Финска (549). Најслаб резултат по читање покажале учениците од Јужна Африка (288), додека на последните пет позиции се наоѓаат уште и Египет (378), Јордан (381), Иран (413) и Бразил (419).
Во истражувањето кое се спроведувало во текот на пандемијата со КОВИД-19 учествувале 400 илјади ученици од 57 држави. Генералниот тренд покажал дека во 21 од 32 држави во кои имало можност да се направи споредба помеѓу 2016 и 2021 година имало пад во резултатите на читање, што го покажува негативното влијание на пандемијата врз образованието. Во осум држави немало никаква промена, додека само во три држави имало подобрување во резултатите по читање.
Истражувањето утврдило и родов јаз со тоа што девојчињата имале подобри резултати од момчињата во 51 од 57-те држави кои учествувале на PIRLS 2021. Во просек девојчињата биле подобри за 19 поени.
Во еден од заклучоците на овогодишната студија се напоменува дека домашната поддршка имала значајно влијание врз резултатите по читање. Четвртооделенците во просек имале повисок резултат кога доаѓале од семејства со повисок социо-економски статус и чии родители биле повклучени во нивните рани активности за описменување. Уживањето на родителите да читаат било поврзано со повисоки резултати во читање на нивните деца, но сепак две третини од учениците рекле дека нивните родители „малку“ или „воопшто“ не сакаат да читаат.