Македонските функционери лани помалку летале, ама повеќе трошеле по ресторани

И покрај пандемијата, лимитираните патувања во странство и бројните рестриктивни мерки македонските функционери минатата година ги зголемиле службените трошоци во споредба со 2019.

Според податоците од владината алатка за отчетност на јавните функционери лани, во периодот од јануари до ноември, тие потрошиле нешто над 250 илјади денари повеќе во споредба со годината претходно.

Иако се намалиле трошоците за службени патувања во странство и сите трошоци кои се поврзани со таа намена, сепак значително се зголемиле трошоците за угостителски услуги во рестораните на институциите како и во надворешните угостителски објекти.

Институциите потрошиле околу 4 милиони денари помалку на авионски карти, дневници, оброци и хотелско сместување во странство, но истовремено потрошиле 1,8 милиони денари повеќе за угостителски услуги во ресторани во рамките на институциите и дополнителни 910 илјади денари повеќе во надворешни угостителски објекти.

Минатата година за околу 300 илјади денари пораснале и трошоците на функционерите кои биле наменети за подароци при службени средби, како и трошоците за мобилен телефон, кои се зголемиле повеќе од двојно – од 600 илјади денари во 2019, на 1,35 милиони денари во 2020.

Вкупни трошоци на Владата и министерствата според институција и според тип на трошок во периодот јануари-ноември 2019 и 2020

Кој трошел повеќе, а кој заштедил?

Она што може да се забележи разгледувајќи ги трошоците преку оваа платформа е што додека поголемиот дел од министерствата успеале да ги намалат трошоците во пандемиската 2020, сепак Владата и министерствата за внатрешни работи, култура, животна средина, информатичко општество и за правда некако успеале да ги зголемат.

Владата, на пример, лани потрошила 345 илјади денари повеќе во споредба со 2019. Иако трошоците се намалени по скоро сите основи, сепак има голем раст во трошењето за храна и пијалоци преку рестораните и бифеата во самите институции. Само за ова се потрошени скоро 1,18 милиони денари повеќе во 2020, споредено со годината претходно. Дополнително удвоени се трошоците за закуп на стан на лица кои живеат надвор од Скопје, за кои лани биле потрошени 300 илјади денари повеќе од 2019.

Она што е посебно зачудувачки е што повеќе институции ги имаат зголемено службените трошоци направени во надворешни угостителски објекти и покрај фактот што повеќе од 3 месеци рестораните и кафулињата беа затворени, а останатиот период од годината постојано се соочуваа со некои рестрикции и ограничувања. Вкупно трошоците за оваа намена биле зголемени од 1,26 милиони денари во 2019 на 2,17 милиони денари во 2020 година.

Во овој дел предничат Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи кои лани потрошиле околу десет пати повеќе во ресторани и кафулиња во споредба со 2019. Голема разлика има и кај Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи, кои минатата година потрошиле скоро двојно повеќе за оваа намена.

Голема сума службени трошоци за оваа намена потрошиле и од Министерството за политички систем, вкупно 317 илјади денари, како и Министерството за информатичко општество и администрација, 240 илјади денари, но не може да се споредат со претходната година бидејќи за 2019 нема податоци за овие две министерства.

Најголеми заштеди на службени трошоци во надворешни угостителски објекти има направено Министерството за локална самоуправа, која ги намалила трошоците за овие потреби од 153 илјади денари на само 730 денари.

Трошоци по институција за угостителски услуги во земјата преку надворешни угостителски објекти за период јануари-ноември 2019 и 2020

Кога ќе се разгледува според функционер, најголемите трошоци во 2020 година се направени од актуелниот Министер за надворешни работи Бујар Османи – вкупно 1,61 милион денари, по што следува Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со 1,58 милиони и Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со скоро 1,2 милиони денари. Сите од нив во овој период вршеа по две различни владини и министерски функции.

Од актуелните министри во Владата најмали трошоци лани направила Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, само 12.820 денари и Министерот за правда, Бојан Маричиќ, со 29.000 илјади денари. Сепак, треба да се напомене дека тие на таа функција беа од септември 2020, односно во податоците учествуваат само со првите два месеци од нивниот мандат, за разлика од поголемиот дел други министри кои беа на функција и во претходната Влада.

Трошоци според функционер во периодот јануари-ноември 2020

Мистериозна корекција на владините трошоци

Вчера од Владата побаравме нивен коментар на што се должи ова зголемување на трошоците во 2020 година. Додека податоците на оваа платформа покажуваа една состојба пред да ги испратиме нашите прашања, за кратко време откако побаравме одговор беше направена некоја измена со која делумно се корегираа трошоците на функционерите од Владата.

Пред да ги испратиме прашањата, разликата во трошоците меѓу 2019 и 2020 година беше 1,7 милиони денари, а подоцна овој податок се промени и сега изнесува само 345 илјади денари. Интересно е што, колку што можевме да забележиме, променети беа податоците само кај трошоците на Владата, додека трошоците кај останатите институции очигледно останаа исти.

„Принтскрин“ од алатката за отчетност пред да ги испратиме новинарските прашања

„Принтскрин“ од алатката за отчетност откако ги испратиме новинарските прашања

Сепак, освен она што може да се види на единствената фотографија која ја имаме од претходната состојба, при пишување на текстот немавме увид во претходните податоци за да утврдиме какви и колку промени врз трошоците биле извршени во меѓувреме.

Од Владата на нашите прашања за нивните зголемени трошоци минатата година ни одговорија дека поради зачестените вонредни активности во пандемијата, како кризни штабови, седници и пресконференции, функционерите и службите одработувале вонредни работни часови, често и во услови на полициски час и карантини.

„Во услови на првиот бран на пандемијата, поради тоа што владините простории се посоодветни за одржување на сите потребни активности а со запазување на заштитни мерки, поголемиот дел од активностите на Владата, како на пример консултации со сите засегнати страни при носење на мерки особено економските мерки, состаноците на советите и комисите и друго, се случуваа во салите на Владата. Ова природно генерира повисок трошок бидејќи се користат владините бифеа“, посочуваат од Владата.

Од извршната власт додаваат и дека овие трошоци биле генерирани според тогашниот правилник за користење на угостителски услуги, во кој покрај владините носители на функции, опфатени биле и членовите на работните тела и комисиите на владата, лицата ангажирани за обезбедување и организација на седниците на Владата, како и сите стручни и помошни служби.

Владата ги ограничува трошоците за угостителски услуги

Токму овој правилник беше променет вчера. Владата ја усвои Одлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги, со која, како што велат оттаму, за првпат ќе се ограничуваат трошоците за услуги во угосителски објекти во државата при одржување на работни состаноци.

„Точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира работниот состанок“, посочуваат од Владата.

Со оваа одлука ќе бидат опфатени Премиерот, министрите, Генералниот секретар на Владата и нивните заменици, како и државните секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата. Како што велат од Владата целта на оваа нова мерка е таа да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето јавни пари.

„Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картичка, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци. Во случај на пречекорување на дозволните лимити за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ на финансиски средства,  најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок“, соопштија од Владата.

Според последната одлука државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб страните на институциите, а во случај на непочитување на одлуката се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Според овој член, доколку се прекрши Кодексот Премиерот може да издаде официјална критика кон функционерот, да побара негова оставка или разрешување или пак да биде покрената иницијатива за информирање на надлежни институции.

***

И покрај зголемувањето на трошоците минатата година, последниве две години постои значително намалување на службените трошоци ако се споредат со податоците од 2018 година, кога институциите потрошиле скоро двојно повеќе отколку во 2019 и 2020. Сепак, истовремено може да се забележи дека за разлика од периодот во 2017, кога Владата ја промовираше оваа алатка, и 2018 се забележува дека последниве две години постојат одредени недостатоци во податоците кај некои институции, што пак ги отежнуваат и оневозможуваат прецизните споредби низ годините.

Разгледувајќи ги податоците за 2020 година во предвид треба да се има и дека лани беше година во која функционираа два различни владини состави, а кај одредени министерства дојде до промени на раководните функции а имаше и одредено реструктуирање на институциите, со отстранување на одредени министерства и воведување на нови.

Даниел Евросимоски

* Првичниот текст е изменет со додавање на одговорите од Владата.