Македонците се меѓу најнесреќните луѓе во Европа, покажува годишниот Глобален индекс на среќата, во кој Македонија се најде на 84-тото место на извештајот од вкупно 143 држави во светот. Ова, сепак претставува напредок од три места во однос на минатата година.
Од регионот, единствено Албанија е рангирана полошо, односно на 87-то место, а од поширокиот регион, Турција се наоѓа на 98-то место. Во Европа пак, полошо рангирана е единствено Украина, на 105-то место.
Од окружувањето, најдобро се рангирани Словенија (21 место), по што следуваат Косово (29), Србија (37), Хрватска (63), Грција (64), Босна и Херцеговина (65), Црна Гора (76) и Бугарија (81).
Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто.
Според него, жителите на Финска, Данска и Исланд се најсреќни, додека жителите на Авганистан, Либан и Лесото се најнесреќни.
Извештајот се објавува 12-та година по ред на 20 март – Меѓународниот ден на среќата според Обединетите нации.