Македонските научнички се застапени во науката, но не и на одлучувачки функции. Најголем проблем за нив останува немањето на млад кадар и вложувањето во науката. Ова денеска го истакнаа на вториот по ред Глобален женски појадок кој се одржа на Институтот по хемија во Скопје по повод Интернационалниот ден на жените во науката.
Според професорката Марина Стојановска, проблемот е што жените се ретко застапени на раководни функции.
„Имаме повеќе жени во Институтот за хемија конкретно, а имаме и повеќе студентки отколку студенти, меѓутоа кога станува збор за раководни функции, некако ми се чини дека не само во високообразовните институции, туку генерално и во компаниите, повеќето се мажи“, вели Стојановска.
Таа за Радио МОФ додава дека жените имаат еднакви можности, но сепак постојат работите кои жената ги носи сосебе, вклучувајќи го и мајчинството.
На настанот кратко обраќање до присутните имаше и раководителката на Институот по хемија, професорката Марина Стефова.
„Идејата за овој глобален женски појадок е многу широка. Се промовира родовата еднаквост, но ние сме свесни дека во нашата професија таков проблем немаме, но тука сме да се поттикнеме едни со други во преземање на позначајни чекори во нашето општество кои ќе ни помогнат заедно да одиме напред“, изјави во своето обраќање раководителката Стефова.
Стојановска за Радио МОФ го нагласи и проблемот со кои се соочуваат сите научници во државата. Според неа, на образованието и науката не им се посветува големо внимание и овие сфери се наоѓаат на маргините.
„Институтот за хемија и Природно-математичкиот факултет има недостаток на кадар. Тоа значи дека голем број од нашите професори кои се пензионираат, оставаат празни работни места кои не се пополнуваат. Зборувам за асистенти и доценти. Ние сме доведени во една многу тешка ситуација каде буквално нема кој да ги држи лабораториските вежби. Ангажираме демонстратори, но тоа не е доволно бидејќи тие се ангажираат на одредено време, а на нас ни треба научник и истражувач кој би го заменил професорот. Тој млад кадар кој би се примил потребно е многу време додека се обликува“, вели таа.
Стојановска вели дека се правеле напори за нови вработувања кои досега требало да се остварат, но не се оствариле. Освен нови кадри, на Институтот потребно му е осовременување за да биде во тек со научниот прогрес.
„Потребно е реновирање, влезете во лабораториите, потребно е нивно тековно одржување и осовременување. Тоа не важи само за овој конкретен факултет, туку и за сите училишта во Македонија. Нашите ученици ќе бидат движечката сила во иднината, а немаат никакви услови за изучување на природните науки. Потребни се таблици на периодниот систем, потребни ни се модели и лабораториски прибор за да изведуваме експерименти, ни треба и лабораторија“, концизна е таа.
На настанот присуствуваа Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, како и претставници од Фондот за иновации и технолошки развој кои презентираа дел од своите проекти посветени на образованието.
„Женското лидерство во науката е нешто што му е неопходно на ова општество. Хемичарките го трасирале патот и биле своевидни пионерки, па треба да ги следиме нивните примери, како оној на Марија Склодовска – Кири. Да не го заборавиме нејзиниот пример кој треба да мотивација во нашите професионални и лични животи. Знам колку е тешко кога сте мајка да најдете енергија и да се посветите на науката и професијата. Сѐ уште треба да се работи на целосна родова еднаквост во политиката, бизнисот и науката, но за жал и во нашите размислувања, нашиот менталитет, нашата култура на живеење. Затоа мора сѐ уште да се бориме за потполна еднаквост, рамноправност институционално, но и во нашата средина, при воспитувањето на нашите деца“, истакна Ѓоргиевска.
Глобален женски појадок се организира со цел да се поттикнат жените во технологијата и природните науки да учествуваат во креирање на заеднички проекти. Тој годинава се оддржа под мотото „Building bonds to create future leaders“ (Градење релации за да се создадат идните лидери).
Ивана Смилевска