Учениците од Северна Македонија повторно се најдоа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки според последното ПИСА тестирање од 2022 година, чии резултати беа објавени денеска.
Земјава според последните резултати има драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година, иако треба да се напомене дека мнозинството држави и територии на овогодишното рангирање забележуваат полоши резултати што веројатно се должи на пандемијата со КОВИД-19.
Тестирањето го мереше знаењето на 15-годишниците од 81 светски држави и провинции кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во минатогодишното тестирање, С. Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука. Учениците по математика имале просечни 389 поени (просекот на ОЕЦД изнесува 472), по читање забележале 389 поени (просек на ОЕЦД е 476), а по наука постигнале 380 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени).
Во споредба со регионот 15-годишниците од земјава биле единствено подобри од нивните врсници во Косово и Албанија, додека се наоѓаат далеку зад учениците од Словенија и Хрватска, кои предничат во окружувањето според резултатите на ПИСА 2022.
Во споредба со рангирањето од 2018 година, македонските ученици покажале назадување во сите три категории. Најмногу во читање (-34 поени) и наука (-33 поени), додека нешто помал пад имало во математика (-5 поени).
Од земјите во соседството поголем пад од С. Македонија има само Албанија, која во математика забележала назадување од 69 поени, додека по читање и наука имаат назадување од 47 и 41 поен. Спротивно на генералните трендови, учениците од Хрватска имаат дури 11 поени подобрување во наука, а учениците од Србија 7 поени напредок во оваа категорија. Србија има еден поен подобрување и во читање и тоа се единствените подобрувања од земјите во регионот во споредба со ПИСА тестирањето во 2018 година.
Министерството за образование и наука (МОН) во соопштение до јавноста резултатите за С. Македонија ги карактеризираа како приближно исти со претходното тестирање. Оттаму велат дека последната ПИСА студија ги потврдила негативните последици од пандемијата со КОВИД-19 врз квалитетот на образованието во глобални размери.
„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми“, се наведува во соопштението од МОН.
Во светски рамки на врвот во сите три категории се наоѓа Сингапур, додека на првите пет места се уште Макао, Кинески Тајпеј, Јапонија и Кореја. На дното се наоѓаат учениците од Камбоџа, Парагвај и Доминиканска Република.
Ова е четврто учество Република Северна Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно државава беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Тестирањето за првпат се одржа електронски и со него лани беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта во С. Македонија.
Повеќе податоци од ПИСА 2022 тестирањето може да најдете на следниов ЛИНК. Подетална анализа на резултатите за С. Македонија може да се погледне ОВДЕ.
Даниел Евросимоски