Македонско – грчкиот дебатен тим стигна до финалето на „Athens Open“

Во периодот од 29 до 31 август се одржа третиот турнирот во Британска парламентарна дебата во Атина „Athens Open“, каде што тимот на македонскиот преставник и член на Младинскиот образовен форум, Георги Велковски успеа да влезе во финалето и да стигне до четвртото место.

дебата

Заедно со Велковски, дел од тимот беше и Манос Мосхопулос од Дебатното друштво на Грција. Во поединечна конкуренција Велковски го освои осмото место на турнирот, додека неговиот колега од Грција беше прогласен за втор најдобар говорник на турнирот.

„Јас и мојот дебатен партнер Манос Мосхопулос очекувавме да го освоиме турнирот и да бидеме рангирани први како тим. Сметаме дека можевме подобро од ова, немавме среќа со некои од тезите и позициите што ни беа доделени“, вели Велковски од Атина за Радио МОФ.

Во финалето се дебатираше на тезата „ Овој дом верува дека западните либерални демократии треба да воспостават академии за лидерство чии членови ќе бидат бирани од државата и ќе бидат единствените што ќе можат да се кандидираат за политички функции“.

Форматот на „Athens Open“ е Британска парламентарна дебата, односно во секоја дебата како и во финалето има 4 тимови составени од по двајца дебатери. Притоа секој тим минува низ 5 рунди прелиминарни дебати со дозволен говор од 7 минути.

Македонско- грчкиот тим во финалето го освои четвртото место во конкуренција на 12 тимови со дебатери од Грција, Англија, Полска и Германија.