Семејство со новороденче кои живеат во Харков се приклучија на конвојот на ОБСЕ што треба да ги извлече од Украина. Тие се меѓу 50-тината македонски граѓани кои останаа заглавени по руската инвазија, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој посочи дека стапиле во контакт со неколку министри од регионот кои имаат пристап до тој град, кој се наоѓа во близина на границата со Русија и каде во моментов се одвиваат најголемите воени дејствија.
„Ние сме во постојана комуникација со нив. Тие реално не можеле да одговорат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување кое што се случило на неколку дена пред руската инвазија“, рече Османи.
Министерот посочи дека според информациите кои тие ги имаат, се очекува разгорување на воените дејствија во наредниот период, со што се отежнуваат околностите на терен, особено создавањето на безбедни коридори за евакуација на македонските граѓани. За да може да се извлечат, конвоите минуваат низ околни патишта, села и шуми за да ги избегнат главните улици поради ризикот.
Досега мапирале околу 100 македонски граѓани и нивни семејства. Од нив, околу 20 граѓани го искористиле првиот повик за напуштање на Украина пред започнување на воените конфликти, а откако започна воената инвазија извлекле уште 30-тина македонски граѓани преку безбедносни коридори кои биле создадени во соработка со пријателски држави.
Од тие 30, 15-тина се монитори во рамки на специјалната мониторинг мисија, кои веќе се извлечени преку ОБСЕ. Тој процес се координира преку Генералниот секретаријат на ОБСЕ во Виена, додека останатите цивили се извлечени, пред сè преку соработка со Бугарија. Па така, шестмина од Одеса и десетмина од Киев се извлечени преку конвој што пренесувал бугарски граѓани.
Министерот Османи посочи дека прават напори да ги извлечат граѓаните кои и понатаму се заглавени во Киев и уште неколку украински градови. Забележа дека дел од македонските граѓани имаат семејства кои се државјани на Украина, но ги третираат како да се Македонци.
„Ги упативме нашите граѓани доколку најдат начин да стигнат до конзулатите на државите со кои имаме договор, да ги преземаат како да се нивни граѓани“, рече Османи на брифингот, појаснувајќи дека Северна Македонија засега е во комуникација со Бугарија, Полска, Романија, Молдавија и балтичките држави.
Покрај ова, Турција испратила воз до тие региони и МНР ќе се обиде денеска да ја продолжат таа комуникација за да видат дали може и преку турскиот коридор да ги извлечат македонските граѓани.
Во исто време, група на македонски транспортери се заглавени на украинско-полската граница. Тие носат руски производи, а тргнале од Русија преку Украина за да стигнат во Северна Македонија. Но, воениот конфликт се случува додека тие се во Украина и украинските власти не ги пуштаат затоа што имаат руски производи во нивните камиони. Османи вели дека тие се на безбедно, сами може да излезат, но не можат со стоката.
Министерот најави дека за овој петок е закажан итен министерски состанок при НАТО во Брисел, на кој ќе присуствува и тој. Претходно, државата ја поддржа одлуката на Советот на Европа за привремена суспензија на Русија,
Викендов заедно со останатите ЕУ земји, и македонскиот воздушен простор се затвори за руските авиопревозници. Покрај ова, државата испрати воена и хуманитарна помош, особено медицинска опрема во вид на крв и лекарства. Црвениот крст испрати своја помош, но и отвори телефонски број за донации.
На последната владина седница се упати и препорака за забрана на емитување на руски државни медиуми на кабелските медиуми за спречување на дезинформациите. Денеска, пак, Влада ќе разговара за координирање на активностите во врска со евентуален бран на бегалци.
„Украинската влада ни прати нота со што бараат доколку се појават украински граѓани на нашата граница да бидат ослободени од имањето тестови, вакцинален статус итн. Ги координираат во моментов тие активности за да се утврдат капацитети колку имаме ако има бран на бегалци и кои би биле мерките што требаат различните институции да ги преземат“, најави Османи.
Вчера МНР упати апел до македонските граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација, да ги искористат расположливите комерцијални летови и копнени линии за напуштање на земјата. Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авио линиите од и кон Русија.