„Македонско женско писмо“ – Признание за Марина Мијаковска и повеќе настани за творештвото на жените-писателки

Во понеделник, 2 декември, со почеток во 12 часот, во Друштвото на писатели на Македонија ќе се одржи книжевен настан „Македонско женско писмо“, посветен на творештвото на македонските жени-писателки.

На настанот ќе биде доделена плакетата „Даница Ручигај“ за 2019 година на Марина Мијаковска за збирката „Коскена“.

Плакетата „Даница Ручигај“ се доделува на жена-писателка за стихозбирка објавена во тековната година, а во чест на македонската
поетеса Даница Ручигај, која трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1963 година.

„Поетесата во некои песни метафорично го оживува тајнописот на Анте, а од неговите лавиринти на зборови ги собира долините, реките и македонските планини… апелира за љубов, за свој мир, и за можност и во светот на тагата да има некакво решение, и за тоа дека помеѓу тие две крајности ништо друго и не постои… Гледам од овие стихови дека творечката сила на Мијаковска е во полн
напон. Знам дека песните од оваа збирка долго ќе се чуваат од заборав, а вековната потрага по складни геометриски кругови ќе се открива и понатаму“, истакнува селекторката Славица Дабевска Ќировска во своето образложение за изборот.

На настанот се предвидени и следниве излагања и содржини:

Димитар Пандев: Женскиот поетски стимул во македонскиот XIX век

Весна Мојсова-Чепишевска: Првите дами на модерната македонска поезија

Милица Димитријовска-Радевска: Традиција и иновации во женското
писмо во XXI век

Поетски рецитал на авторките од Битолскиот книжевен круг: Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Даниела Андоновска – Трајковска, Гордана Стојаноска и Милица Димитријовска-Радевска.