Утре, со почеток од 21 часот, Скопското џез трио „Светлост“ ќе го промовира својот нов албум „Jazz (to the working class)“ во скопскиот локал „Котур“. Албумот е издание на продуцентската куќа „ПМГЏез“ која е ориентирана кон издавање на македонски џез изданија.
„Светлост“ е џез трио од Скопје, веројатно најдобро скриената музичка тајна во земјава. Работата на Дени Омераѓиќ (бас/синтисајзери), Нинослав Спировски (саксофон/кларинет) и Кристијан Новковски (тапани) е добро позната на светската џез јавност. Нивниот деби албум „Odron Ritual Orchestra“ (2019), стана дел од сите релевантни годишни џез листи и доби неверојатно позитивни критики. Сето тоа резултираше со неверојатен интерес за овој албум и состав, по што „Светлост“ успеа да продаде импозантен број на изданија, преку водечката светска он-лајн продавница „BandCamp“.
Во својот албум, „Jazz (to the working class)“ се забележува нивниот активен, па и амбициозен однос кон слободниот џез и акцентот кон македонската етно музика, со што публиката добива изненадувачки оригинално и автентично парче музика.
На утрешната промоција во „Котур“, „Светлост“ ќе настапат во полн состав, а албумот ќе биде достапен по промотивна цена.
„Jazz (to the working class) може да го набавите и он-лајн.
Во продолжение слушнете го нивниот претходен албум, „Odron Ritual Orchestra“, кој ги воодушеви вљубениците на џезот ширум светот.