Околу 20.500 птици на Охридското Езеро, околу 8.000 на Преспанското и околу 7.000 птици на Дојранското Езеро изброија вработени и волонтери од Македонското еколошко друштво (МЕД) на 15 и 16 јануари. Ваквата акција ја спроведуваат 13 години по ред, со што спроведуваат броење птици на трите природни езера во земјава, вклучувајќи ги и околните акумулации и водните станишта.
Пандемиските услови биле ограничувачки фактор за учество на поголем број учесници, па така Зимскиот цензус на водни птици во Македонија го спроведоа 9 вработени, членови и соработници на МЕД.
„На трите езера и на другите водни тела забележаните единки припаѓаат на околу 30 различни видови птици, од кои поголем дел се чести видови птици кои презимуваат на овие водни тела. Најголемо изненадување беше малата бројка на избројани птици на Преспанско езеро, која сметаме дека е резултат на неколку фактори – релативно високите температури за овој период од годината и промените во крајбрежниот појасн на езерото предизвикани од флуктуациите на водната маса на езерото во последните неколку години“, велат од МЕД.
Инаку, од МЕД велат дека Зимскиот цензус на водни птици е најмасовното и најдолготрајно волонтерско пребројување птици во светот, со традиција уште од 1967 година. Тој е предводен од Меѓународната организација за водни станишта и во соработка со бројни локални организации, настанот станал клучен извор на информации што се од суштинско значење за креирањето политики поврзани со управувањето и заштитата на водни станишта.