Секундарниот образовен систем не овозможи услови за квалитетно спроведување на далечинска настава е главниот заклучок на националното истражување за спроведувањето на далечинската наставата во средното образование за време на КОВИД-19 спроведено од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Истражувањето е спроведено во периодот од 25 мај до 15 јуни, на репрезентативен примерок од 639 ученици и 407 наставници од сите 8 статистички региони на Северна Македонија.
Анализата покажува дека една од причините за ваквиот заклучок е тоа што дигиталните алатки во 64% од случаите или ретко (еднаш во две недели или еднаш во месецот), или воопшто не се употребувале во редовната настава, како и тоа дека 51% од учениците никогаш не биле обучени од своите наставници за тоа како да користат дигитални алатки за потребите во наставата.
55,5% од учениците ја оцениле наставата како просечна, доволна и недоволно добра, а една третина сметаат дека наставата малку или воопшто не помогнала во изучување на материјата. Како една од причините е начинот на кој се одвивала истата, каде најдоминантен и најфреквентен начин на спроведување на наставата е испраќањето на задачи и презентации со 61% застапеност. Тука, интересен е фактот дека платформата ЕдуИно изработена од Министерството за образование и наука (МОН), се користела само во 1% од случаите.
Како следна причина е тоа што дигитализацијата во образованието е на многу ниско ниво, каде што само 51% од училиштата имаат интернет конекција за користење, а од нив, во 53% од случаите истата не е отворена за користење за учениците.
Исто така, наставниците никогаш немаат добиено обука за користење на дигитални платформи и во 37% од случаите, онлајн предавања и дигитални алатки се користат во помалку од половина вкупниот број на предмети.
Истражувањето покажува и дека координацијата при реализирањето на наставата била многу слаба со отсуство на унифициран пристап за спроведувањето на наставата од сите наставници и отсуство на посебни распореди за онлајн настава која вклучува онлајн часови во најголем дел од случаите.
Понатаму, наставниците известуваат дека оценувањето било нереално и не постоел систем за оценување кој е прилагодени на моделот на далечинско учење. Од друга страна Во ниту едно училиште во периодот на спроведување на наставата на далечина, не била спроведена планска и суштинска евалуација на далечинското учење.
LEAD во анализата упатуваат и повеќе препораки за унапредување на далечинската настава, како и за дигитализација на редовниот образовен процес. Тие сметаат дека е потребно креирање на јасна стратегија од институциите за спроведување на наставата и процесот на оценување на знаењето на учениците преку моделот на далечинско учење, како и прилагодување на наставните програми.
Целосното истражување и сите препораки се достапни на следниот ЛИНК.