Францускиот претседател Емануел Макрон ја потпиша контроверзната реформа на пензискиот систем во текот на ноќта откако Уставниот совет го одобри планот со кој треба да се подигне старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години и покрај речиси еден месец масовни протести низ земјата.
Одлуката на Советот ги разлути критичарите на пензиската реформа и синоќа стотици активисти од синдикатите се собраа во Париз. По маршот кон култниот Плоштад Бастилја, дел од демонстрантите запалија контејнери и скутери додека полицијата против нив употреби солзавец за да ги растера.
Истовремено се организираа демонстрации во Марсеј, Лион, Нант, додека во Рен, на северозападот од земјата, беше нападната и запалена полициска станица.
Француските синдикати повикаа на национален штрајк на 1 мај, за кој најавија дека ќе биде досега „огромен“ и „досега невиден“ во земјата.
Од Кабинетот на Макрон соопштија дека законот ќе стапи на сила во следните денови и дека претседателот сака да започне да се имплементира до крајот на годината. Премиерката Елизабет Борн, пак, вчерашната одлука ја нарече „крај на институционалниот и демократскиот пат на оваа реформа“, додавајќи дека немало победник во националната пресметка во која се случија едни од најголемите социјални немири во Франција последниве децении.
Уставниот совет отфрлил неколку делови од пензиската реформа, но не и главниот фокус на планот – подигањето на старосната граница. Според власта оваа реформа била неопходна за да се задржи одржливоста на пензискиот систем поради стареењето на населението, додека критичарите наместо тоа бараа подигање на даноците за богатите и работодавачите тврдејќи дека предложената реформа се заканува на социјалниот систем во земјата.