Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ и неколку годинешни учесници предводени од раководителот Коста Хаџи Антоновски денеска отпатуваа за португалскиот град Евора каде што до 12 октомври ќе учествуваат на тамошниот меѓународен ликовен фестивал за деца.
Манифестацијата во Евора се одржува по 14-ти пат, но најзначајниот сегмент за тој настан е што ликовната колонија е идентична со „Мал битолски Монмартр“, истакна Хаџи Антоновски пред заминувањето за Португалија.
„Секоја година со задоволство престојуваме во Евора затоа што пред 14 години одлучија да организираат идентична ликовна манифестација како нашата во Битола. Им помагаме во организацијата, во селекцијата на ликовните творби што ги изработуваат децата, а често, како ликовен педагог учествувам во меѓународното жири кое ги доделува наградите на најуспешните ликовни творци што цртаат низ улиците на Евора“, изјави Хаџи Антоновски.
Ликовна колонија по примерот на „Мал битолски Монмартр“ се одржува и во Хонг Конг, а од 2014 година ќе се одржува и во Пекинг, информираат од детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола.