Граѓаните се најзаинтересирани за податоците поврзани со нивната животна средина, додека најмалку ги интересираат оние за Владата и министерствата, покажува последното истражување на Фондацијата Отворено општество – Македонија за перцепцијата на граѓаните за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Истражувањето покажува и дека над 70% од граѓаните или воопшто не слушнале за ова право, или пак не се сигурни што тоа значи, односно едвај 14 % добро се запознаени со можноста за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Најголем дел од испитаниците или 42% немаат некоја посебна причина зошто не побарале пристап до одредени јавни податоци, 31% не се заинтересирани за ова право, а една четвртина од испитаниците сметаат дека и ако побараат јавни информации од институциите, истите нема да ги добијат.
Во однос на институциите, последнава година 39,4% немаат примено ниту едно барање за пристап до јавни информации, што е уште една потврда дека граѓаните се неинформирани за ова право.
Законот за слободен пристап до информациите од јавен каратер беше донесен во јануари 2006 година. Денешното истражувањето пак беше промовирано денеска по повод Меѓународен ден на правото за слободен пристап до информации.