Само 7,5% од жените на возраст од 35-59 години биле опфатени со скринингот за рано откривање рак на грлото на матката во минатата година, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје. Притоа, бројот на жени кои починале од оваа болест бележи пораст откако почнале да се водат статистики во Институтот (2008-2016), за во 2016 година 47 лица да ја загубат битката со ракот.
Согласно активностите предвидени со Програмата за рано откривање и спречување на ракот на грлото на матката е предвидено со скринингот да бидат опфатени жени на возраст од 46-60 години, како и жени на возраст од 36-45 години кои во текот на 2016 година не направиле ПАП-тест. Притоа процентот на жени кои примиле покана да направат Пап тест, а не се јавиле на преглед, изнесува 43,5% , покажува Изввештајот.
Покани воопшто не биле испраќани во Гевгелија и Охрид, нотира извештајот. Според податоците на Центрите за јавно здравје, вкупниот број на жени кои биле прегледани во 2017 година изнесува 27138, што претставува намалување од 6,8% во однос на 2016 кога биле направени вкупно 29118 тестови. Од нив, 7179 биле жени на возраст од 36-45 години, додека 19959 жени биле на возраст од 46-60 години.
ПАП тестот бил позитивен, со откриени клеточни абнормалности, кај 11,9% од тестовите. Повисок процент е регистриран единствено во 2016 година, 14,9%.
Од Институтот забележуваат дека во однос на добиените податоци од лабораториите има значителна поголем број позитивни ПАП тестови кај помладите жени, на возраст од 36-45, наспроти оние во возрасната група од 46-60 години.
Институтот истакнува дека е неопходно да проработат лабораториите во Општа болница Штип, Струмица и Прилеп, како и во општата болница 8 Септември во Скопје вво која не се анализираат ПАП тестови, како и да се преземат активности за зголемување на опфатот на жени со скрининг.