Изложбата „Мал формат / Миниатура“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе биде отворена утре (четврток, 21 ноември) во Културно-информативниот центар во Скопје (КИЦ).
„Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт“, велат од ДЛУМ.
Ќе бидат претставени дела во дводимензионален и тродимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.
Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам.