Учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, членови на Кариерниот центар во нивното училиште, донираа таблети за децата кои се лекуваат во Клиниката за детски болести. Паричните средства ги собрале преку настанот „Корчагинска просветилка“, што традиционално, секоја година го организираат матурантите со цел да им се заблагодарат на своите професори – просветители за нивната несебична љубов и поддршка во текот на четирите години минати во училиштето.
„Вообичаено, манифестацијата се одржува во Македонска филхармонија и на неа присуствуваат повеќе од 1000 гости. Билетите за годинешново издание беа продадени, но поради пандемијата и ситуацијата со Ковид-19 нашата „Просветилка“ се одржа онлајн. Со средствата собрани од продадените билети купивме таблети за децата-пациенти на одделот Онкологија на Универзитетската клиника за детски болести“ – ни раскажува Димитриј Стефков, годинешниот менаџер на Кариерниот центар во Корчагин.
Нивната идеја да донираат таблети произлегува од желбата да помогнат и да се обидат да ги подобрат условите во клиниката каде што децата престојуваат подолг временски период, при што не се во можност да ја следат онлајн наставата.
„Се надеваме дека пристапот до социјалните мрежи, но и можноста да се следи онлајн наставата и да се биде во контакт со другарчињата и соучениците ќе има позитивно влијание врз процесот на лекување и ќе овозможи полесно надминување на тешката состојба во која се наоѓаат. Таблетите и мобилните телефони се дел од нашето секојдневие и знаеме колку се значајни за сите нас. Исто така, знаеме колку време од денот поминуваме на социјалните мрежи за да следиме сè што е актуелно и интересно, а денес е особено значајно и следењето на онлајн наставата“ – додава Стефков, надевајќи се дека со овој мал гест на добрина и грижа ќе ги израдуваат децата и ќе им помогнат во нивната борба со болеста.
Вели дека поради пандемијата немале можност лично да бидат присутни кога им биле доделени таблетите на децата, но претпоставуваат како изгледале нивните среќни и изненадени лица, насмеани … и веројатно зачудени.
„Директорката и персоналот беа многу среќни и презадоволни за нашата донација и тие, познавајќи ги своите пациенти, ни потврдија дека со сигурност ќе бидат пресреќни кога ќе ги видат таблетите.
Сакаме децата на клиниката да знаат дека не сами и дека секогаш има некој кој се грижи за нив и сочувствува со нивната состојба. Сите ние стоиме зад нив и и понатаму ќе продолжиме да придонесуваме во подобрувањето и извлекувањето од ситуацијата во која тие се наоѓаат. Ние, сепак, сме само ученици и имаме ограничени можности да помогнеме. Меѓутоа, имаме огромна желба да придонесеме за напредокот на општеството, токму со меѓусебното помагање. Кариерниот центар на Корчагин ќе продолжи да спроведува хуманитарни акции за собирање на донации. А, ги повикува и на поголема масовност и другите училишта, инситуции и граѓани“ – вели тој.
За донацијата на теблети, најзаслужна е генерацијата која заврши во „Корчагин“ минатата учебна година, под раководство на Ева Стојановска и Александар Анастасовски. Нивната работа е тимска, задачите и задолженијата се поделени и сите имаат една иста цел – да се надоградуваат себеси како личности, да го надоградат Кариерниот Центар во Корчагин и да помогнат на заедницата.
„Добрата организација и сложноста се главниот клуч за успех на хуманитарната акција. Пандемијата нè спречи да ја одржиме Просветилка, но не и да бидеме подобри луѓе и хуманитарци. Новите услови на кои сите се адаптираме не нè спречија да ги завршиме сите планирани активности. Не се среќававме како вообичаено, не можевме да бидеме сите присутни на договорените активности, но тоа не ни претставува никаква пречка – напротив, видовме и докажавме дека можеме и поинаку, со добра и мисла и целосна посветеност“, укажува Димитриј.
За крај, вели дека нивната главна цел била насмевките и радоста на децата на кои им беа подарени електронските уреди. Тој посакува овој хуманитарен гест да биде поттик за сите кои имаат желба да измамат безгрижна детска насмевка бидејќи понекогаш, многу малку е потребно за среќа.
Ана Илиева