Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, премиерно се прикажуваше на Меѓународниот филмски фестивал Оденсе (ОФФ Фестивал) заедно со 147 филмови од 39 различни земји.
„Мала шега“ е во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот Аудиовизуелен Центар.
Кратките филмови кои се прикажуваат на ОФФ фестивалот се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА) и БАФТА. Билетите за првата проекција на „Мала шега“ беа целосно распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет.
Филмот е инспириран од истоимениот расказ „Мала шега“ од Анто Павлович Чехов.
„Прекрасна адаптација на познатата приказна на Чехов, режисерот завршил маестрална работа“, „Филмот не трогна и ни го доближи начинот на кој функционира македонското општество, се чувствуваме како да сме таму“, биле дел од коментарите на публиката.
„Филмот точно и реалистично го претстави она што се случува во Македонија, ми доаѓа да се расплачам бидејќи и јас го поминав истото. Посебно ми е драго што ваков филм доби прилика да се емитува во Данска“, изјави Македонка која пред 20-тина години се преселила во Данска
Краткометражниот филм „Мала шега“ кој раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура е во режија на Трифун Ситниковски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.
Режисерот Ситниковски вели дека најголемиот страв бил дали публиката од Данска ќе успее да се поврзе со приказната и да ја разбере.
„Трогнат сум дека публиката во Данска се соживеа со македонската приказна и предизвиците на главните ликови“, вели Ситниковски.
Ситниковски е млад режисер кој работи во филмската индустрија повеќе од десет години и има снимено повеќе од десетина кратки играни филмови и документарни филмови, а моментално работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ во копродукција на Истражувачка репортерска лабораторија и Македонскиот јавен сервис.
Овој филм е воедно и прва продукциска работа на ИРЛ на играна фиктивна содржина како дел од напорите на формирање на продукцијата Стори Лаб која ќе работи на филмови од јавниот интерес.