Во организација на Контрапункт – асоцијација за развој на нови и алтернативни практики и политики во социо-културниот контекст, критичката мисла и граѓанскиот активизам, ќе се одржи дводневен настан насловен „Мала школа за антифашизмот – медиумите и отпорот“.
На 13 декември во 19 часот во Мала Станица, ќе се отвори изложбата „Вас ист Аркзин“ проследена со јавната дискусија на којашто учествуваат: Борис Буден, филозоф, теоретичар на култура и медиуми од Загреб/Берлин (воведно предавање), Љубомир Данаилов Фрчкоски (професор, експерт за човекови права), Жарко Трајаноски (експерт за жовекови права и активист), Никола Гелевски (издавач и публицист), Рамадан Рамадани (политички аналитичар и публицист), Томислав Медак (теоретичар на култура, нови медиуми и културен активист).
На 14 декември пак во просториите на ГЕМ клубот, од 18 часот е закажана промоцијата на книгата „Вовед во минатото”, со разговор меѓу Желимир Жилник и Борис Буден, а во 19 часот ќе има проекција на филмот „Стара школа на капитализмот“ режиран од Жилник.
„Медиумскиот простор во Република Македонија е задушен во сопственото подаништво и немоќ да обезбеди перспектива за аналитички, критички хоризонт преку кој ќе се ослободи браната на демократијата. Ние сме управувани постојано, нашето мислење е моделирано, нашите вкусови се моделирани, нашите идеи се сугеирани, и тоа најчесто на речиси невидлив начин. Владејачките структури имаат цел да го стеснат изборот и светогледот и да го заробат умот пропагандно, користејќи ги медиумите за „оглас“ на своите коруптивни, криминогени, националистички, ретроградни, фашистички политики и идеолошки матрици. Свесното и интелигентно манипулирање со организираните навики и мислења на масите, на мноштвото, на групите е клучната алатка преку која се мери нивото на авторитарната нарација. Јасно е дека ние сме заложници на медиумската неслобода во која моќните дискурси на политичкото имаат очигледна намера да го исклучат критичкиот и постојан дијалог со понудената и контролирана стварност“, стои во воведниот текст на Искра Гешоска во повикот за настанот.