Во Тетово во сабота (10 јуни) ќе се реализира проектот „Мала трибина“ на колективот МЕЛЕЕМ од Скопје, при што ќе се постави мала дрвена трибина во паркот Ајдучко.
Иницијаторите потенцираат дека поставувањето на малата трибина ќе започне во 8 часот наутро, по што ќе следи расчистување на паркот заедно со локалните жители и свечено отворање на трибината.
„Дрвената трибина е создадена од 47 урбани модули. Со различни комбинации на дрвените модуларни единици се создаваат динамични начини на седење и можност за игра на малите деца. Ориентирана е кон квалитетите кои паркот ги нуди со сончева покриеност во текот на целиот ден. Овозможува сончање, читање на книга, ручек или одмор за време на пауза од работа и училиште. Аудиториумската поставеност на трибината може да се искористи за организација на поетско читање, сценографија за одржување на театарски претстави, следење на кошаркарски натпревари одржани на самиот терен“, велат иницијаторите на проектот.
Дизајнот на „Мала трибина” е еден од победниците на интернационалниот конкурс за дизајн „Ghost project 2017: The New Nomad“ и беше изложен на фестивалот за дизајн „Миксер фестивал“ во Белград, Србија од 25-28 мај 2017.
Иницијативата е дел од кампањата „Мрдни со прст“ која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.
Сите заинтересирани кои сакаат да се приклучат кон поставувањето на малата трибина можат да се пријават на следниот ЛИНК.