Малата сала во спортскиот центар „Борис Трајковски“ следната недела ќе се отвори за вакцинација против коронавирусот, каде на располаѓање ќе има 20-тина места за прием на граѓаните, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.
Ваквата одлука доаѓа по одлуките кои ги донесе Владата, а кои го интензивираа процесот на вакцинација на пунктовите во здравствените домови низ земјава и во Скопје. Исто така, одлуката се должи и на вакцинацијата без закажан термин, поради што се создаде зголемен притисок од граѓаните кои сакаат да се вакцинираат.
„Имајќи го во предвид големиот притисок, во среда или најдоцна четврток повторно ќе се отвори салата Борис Трајковски, за што дел од вработените коишто беа во Здравствен дом беа на годишни одмори, ги прекинаа и порано за да дојдат и ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата, меѓутоа ќе има околу 20тина места каде што ќе може да се спроведе вакцинација и верувам дека тоа ќе ги намали гужвите и редовите коишто ги имаме пред Здравствените домови“, изјави Филипче.
Исто така тој посочи дека епидемиолошката состојба ги преполнува болниците во повеќето градови низ земјата, додека најголема исполнетост има во болниците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
Во ковид центрите каде што се исполнети капацитетите, Филипче посочи дека места за хоспитализации се обезбедуваат на Инфективната клиника во Скопје, а од денеска и во Заводот за физикална медицина и рехабилитација, со капацитет од 120 кревети снадбдени со централен довод на кислород.
Филипче повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.
„Вакцини има доволно, има од сите типови согласно препораките, од следната недела на располагање ќе биде уште еден поголем пункт за масовна имунизација. Ова е едниствениот начин да се смени сликата за пандемијата“, рече тој.
Инаку, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 652.340 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.398 граѓани, додека вкупно се ревакцинирале 17.099 граѓани
„Во државата вкупно се аплицирани 1.152.274 дози вакцини, а ревакцинирани се 499.934 граѓани. Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 63% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 54% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, информираа претходно од Министерството за здравство.