Мали библиотеки „цветаат“ низ светот

Модерната технологија им пружа на читателите нови начини за уживање во книгите,  но најновиот тренд кој потекнува од Вашингтон е изненадувачки ретро: мали библиотеки, полни со евтини, брошурски изданија, се појавуваат пред влезни врати и капии.

Не постои каталог ниту членарина. Овие неофицијални библиотеки работат по принципот „земи книга – врати книга“. Можете да ја вратите истата книга која сте ја прочитале или да оставите нова.

Мали библиотеки „цветаат“ низ светот

„Минатата година стигнаа 11 нови книги“, вели Кевин Саливен, кој својата мини-библиотека ја отвори во едно предградие на Вашингтон, во мај 2011 година. „Тоа беше подарок за мојата жена која многу чита“, објаснува Саливен.

Тој почнал неделно да става околу 30 книги во дрвена кутија во форма на куќа, која ја поставил на црвено поштенско сандаче на влезот во дворот. Половината од книгите биле детски. Бидејќи Саливан и сопругата живеат близу до училиште, сметале дека би било одлично ако родителите и учениците навратуваат и купат по некоја книга.

Концептот на мини-библиотеки се појавил во 2009 година во државата Висконсин, кога Тод Бол смислил начин како да оддаде почит на својата мајка, учителка која тогаш починала.

Тој направил мала реплика на училиште кое го исполнил со книги од своите родители и поставил натпис „бесплатни книги“.
Наскоро и неговите соседи направиле нешто слично пред своите врати. Сега, вакви библиотеки постојат и во земји како Украина и Пакистан. Минатиот месец Бол испратил 20 мали библиотеки во Гана. Во Индија тој поддржува хуманитарна група под името „Одиме на училиште“, која планира да состави мали библиотеки за 3.500 училишта. „Мојата една мини-библиотека се претвори во 15.000 библиотеки до почетокот на 2014 година во 55 земји, а секој месец се појавуваат од 700 до 1000 библиотеки“, вели Бол.

Иако многу мали библиотеки изгледаат како куќи за птици, постојат и поинакви. Една личи на часовник, друга на робот, па на театар. За Филип Вахаб, поставувањето мали библиотеки пред домот било помалку врзано за книгите, а повеќе за негова желба да се поврзе со соседите.

Неговите соседи му помогнале да ја плати и да ја постави библиотеката во јануари, која била една од првите во Вашингтон. Вахаб покрај библиотеката поставил и клупа, за минувачите да седнат и да прочитаат нешто или да поразговараат.
„Речиси секој ден се појавува нова книга. Многу од нив се поврзани со политиката, бидејќи во главниот град на САД живеат многу луѓе заинтересирани за политика“, вели тој, но додава дека еден сосед му дал многу феминистички книги.

Главната библиотекарка во Вашингтон, Џини Купер, вели дека е воодушевена што кутии со книги излегуваат низ целиот град.

„Да се подели книга, било да се работи за мала библиотека или јавна библиотека, е само уште еден показател дека Вашингтон е град на читатели“, вели таа.

Извор