Мали корекции во новиот список на лектири, погледнете што ќе читаат основците од следната учебна година

„Басни“ од Езоп, „Александра“ од Томе Арсовски, „Перуновата стрела“ од Нина Атанасова Шкрњариќ и „Автобиографија“ од Григор Прличев“ се дел од новините меѓу задолжителните лектири за основците, откако Бирото за развој на образованието (БРО) го објави новиот список на лектири за учебната 2019/2020 година.

За разлика од минатогодишниот, ревидиран список на лектири, во новиот список промени има и во изборната лектира. Основците ќе имаат можност да читаат наслови од домашните автори како „Кифличката Мирна“ од Оливера Ќорвезироска, која е изборна лектира за 3-то одделение, „Белата мечка, синиот крт и другите“ од Цане Андреевски и „Ѕвездени перничиња“ од Славка Манева во 4-то одделение, или пак „Мојот звук“ од Оливера Николова.

„Списокот содржи листи за задолжителна и изборна лектира за секое одделение од второ до деветто и тоа за: македонски јазик, албански јазик, турски јазик и српски јазик. Списоците беа предмет на јавна расправа и отворени за предлози. Предлозите беа земени предвид и внесени според критериуми за избор на лектира во основното образование изработени во Бирото за развој на образованието“, посочија од БРО.

Меѓу изборните лектири новина е и вметнување на списокот на книгите како „Приказна со духови за Божиќ“ од Чарлс Дикенс во 6-то и „Книга за џунглата“ од Радјар Киплинг за 7-мо одделение.

„Хаклбери Фин“, од Марк Твен, од задолжителна лектира за 8-мо одделение е префрлен во изборна, додека „Малиот Принц“ од Антоан Де Егзипери е поместена едно одделение подоцна и следната година наместо во 8-мо, ќе се изучува во 9-то одделение.

И покрај забелешките кај дел од јавноста за проблематичната содржина на делата како „Итар Пејо“, „Робинзон Крусо“ и „Доктор Офболи“ тие остануваат помеѓу лектирите. Првите две книги остануваат задолжителни за 4-т0 и и 6-то одделение, додека „Доктор Офболи“ е изборна лектира во 4-то одделение.

Од БРО појаснуваат дека сите задолжителни лектири се обработуваат, додека списокот предвидува колку изборни лектири ќе се обработуваат за секое од одделенијата. Изборот го прави наставникот согласно условите во кои работи и не е обврзан во секоја паралелка од истото одделение да работи иста книга.

Новиот список на лектири во основното образование за учебната 2019/2020 година на македонски, албански, турски и српски јазик може да го погледнете на следниов ЛИНК.