Mали спортисти, големи мерки за претпазливост – дали теретаните се соодветни за деца?

Со намалената активност кај децата, загриженоста за долгорочните здравствени последици расте. Спортот и активностите се особено важни за здрав раст и развиток кај децата, а денес спортовите како фудбал, кошарка и гимнастика сè почесто се заменети со вежбање во теретани. Иако теретаните изгледаат како напор за промовирање здрав начин на живот, од суштинско значење е да се препознае дека младите тела сè уште растат и се развиваат а токму затоа треба да се осигураме дека теретаните се извор на здравје и зајакнување. Физичката активност во никој случај не е лоша, но кога станува збор за деца важно е да потврдиме дека просторите за вeжбање се користат правилно, пишува агенцијата Мета.

Во последните години сме сведоци на транзиција, во која теретаните од места преполнети со возрасни стануваат спортска активност и за деца од различни возрасти. Иако нема конкретно правило за тоа колку години треба да имаат децата за да посетуваат теретана, факт е дека детските тела не се како оние на возрасните.

На оваа тема Мета.мк разговараше со професорот Марко Арсовски, кој е фудбалски тренер и професор по спорт во средното стручно училиште „Михајло Пупин”.

Тој нагласува дека има разни препораки за тоа на која возраст едно лице може да почне да посетува теретана.

„Нема некоја одредена годишна рамка, но проблем е што теретаната се замислува како некој тренинг со кревање на 100, 200 кила, но постојат различни тренинзи што може да се прават. Сепак, оптимално е да се започне кон 16 години, но да не се стартува со вежби со интензивна тежина”, кажува Асовски, и додава дека теретаните не се само простори за интензивни вежби со тегови, туку може да вклучуваат и пилатес, аеробик или вежби за правилен раст и развој.

Во текст за Мета.мк од април, Арсовски тврди дека на возраст од околу 16-17 години веќе актуелно е да се почнува со вежбање во теретана, а обично тие ученици се истите кои влегуваат во режим на здрава исхрана. Ова е позитивен пример во време на зголемената неактивност кај деца.

Тој советува дека во раниот период од посетување во теретана, треба да се учат вежбите со сопствена тежина, особено во случај ако лицата се помлади. Потенцира и дека мора да се има добар ментор при вежбањето.

„Менторот ќе обрне внимание на техниката за да не дојде до повреди и деформитети”, апелира тој.

Арсовски вели дека за деца на млада возраст ги препорачува спортовите како пливање и гимнастика.

Кога се дискутира за вежбање и здравјето кај младите, лекарите посочуваат дека одреден број од нив неконтролирано земаат протеини, а истите им ги препорачуваат фитнес тренери кои не се едуцирани, што потврдува дека е од особено значење да се има соодветен ментор.

„Земаат и енергетски пијалоци, рекреативни супстанци. Ако еден млад човек испие еден енергетски пијалок, тоа е исто како да испил 13 кафиња. Сето ова придонесува да се покачи крвниот притисок”, вели за Мета.мк д-р Нела Костова, кардиолог на Клиника за кардиологија.

Зголемениот број деца кои посетуваат спортски сали не се должи само на желбата да вежбаат како возрасни, туку игра улога и свежо поставениот акцент на фитнес и здрав живот промовиран на интернетот, кој е денес е лесно достапен за децата и младите.

Иако тоа дава позитивен пример и мотивација во време на зголемената неактивност кај децата, рутините и препораките кои се достапни онлајн, не значи дека се соодветни за сите, а затоа е важно да се пази на интензитетот на вежбите и да се внимава од кого децата добиваат инструкции и совети.

Мета