Малку информации, многу препреки – трнлив пат до студии во странство

Моника Божиноска и Марија Мирчевска се две девојки од Македонија кои деновиве заминуваат во Велика Британија, на постдипломски студии. Марија ќе студира меѓународно право и безбедност, Моника пак ќе ги дополни своите знаења од областа на психологијата. И двете велат дека во процесот на аплицирање се соочиле со бројни проблеми и го делат мислењето дека на високообразовните институции во Македонија им треба вистинска реформа и подобрување.

„Сакав да одам на постдипломски студии во Англија, бидејќи во текот на моето работно искуство увидов потреба од дополнително формално знаење кое ми е потребно за да можам да покажам уште подобри квалитети во работата. Имајќи го предвид квалитетот на образование кој се нуди во таа земја, ми беше прв избор за странска земја во која сакам да го продолжам образованието“, ја започнува својата приказна Моника Божиновска, која дипломирала на психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, во 2012 година.

Моника укажува на проблемите со високото образование во земјава. Вели дека е главно задоволна од знаењето добиено на нејзиниот факултет, но додва дека нештата се далеку од розови.

„Како и кај секој просечен студент, имав искуство со многу проблеми со администрација. Студентот никогаш не е ставен на прво место од страна на професорите и администрацијата. Имав еден куп работи кои може да се подобрат: неажурирана програма, стара литература и методи на работа и наставна програма, избор на единици кои не се актуелни со моменталните трендови во науката“.

Од слични причини во Шкотска заминува и Марија, која дипломирала на политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје во 2011, а магистрирала меѓународно право и меѓународни односи на истиот факултет. Таа смета дека постои голем простор за подобрување на студиите во земјава, главно во делот на курикулумот. Кај мастер студиите, нејзина најголема критика е што нема доволно простор за истражувачка работа.

„Имајќи го сето ова предвид, решив да аплицирам за мастер студии во странство. Го избрав Универзитетот на Единбург во Шкотска и едногодишната мастер програмата Global crime justice and security. Велика Британија ја одбрав поради тоа што, пред сé, има најдобри универзитети на Шангајската ранг-листа, имаат одличен кадар и квалитетна програма, а и се многу респонзивни и дефинитивно го ставаат студентот на прво место“, заклучува Марија.

Сепак добивањето на многу потребната стипендија не одело лесно. Посебно негативно е нејзиното искуство со стипендиите што ги дава македонската Влада.

„Програмата за која јас аплицирав се вика „Global crime justice and security“ на Правниот факултет при Универзитетот на Единбург, токму затоа што една од областите во конкурсот на нашата Влада е меѓународното право. Два пати бев одбиена врз основ дека мојата програма не е меѓународноправна. Првиот пат кога ме одбија побарав мислење од Универзитетот во Единбург и од Правен факултет при УКИМ. И од двете институции добив мислење дека навистина станува збор за меѓународноправна програма. Од УКИМ дури и ми рекоа дека овде на магистерските по меѓународно право се изучуваат истите предмети“, револтирано објаснува Марија.

И покрај позитивното мислење од двата универзитети, кога со нова документација и со двете мислења повторно поднела барање за стипендија, комисијата за доделување на стипендии за втор циклус студии одлучила негативно, вели Мирчевска. Така, додека се подготвува за заминување во Шкотска,  ја подготвува и тужбата за одбиената стипендија.

Кај Моника пак овој процес одел поедноставно бидејќи таа аплицирала на повикот за Чивнинг стипендија, обезбедена од Канцеларијата за странство на Велика Британија и земјите на комонвелтот.  Условите кои треба да се исполнат се минимум 3 години работно искуство (со тоа што земаат предвид и волонтирање и пракса), добар англиски и интерес за науката која се изучува. Потребни се и препораки од работодавец, академски кадар…

„Има прашања кои треба да се одговорат во однос на мотивација, интерес за стипендијата и себевложувањето во понатамошната кариера и за самата програма која апликантот ќе ја избере и со неа ќе придонесе за развојот на својата кариера, но процесот на аплицирање не е сложен, само треба да бидете добро и навремено информирани“, вели таа.

Поголемиот број на студенти кои аплицираат за студии во странство се среќаваат со логистички проблеми – добивање на препораки, уверенија, па дури и дипломата, како и фактот дека не постои агрегатор на сите информации кои на студентите им се потребни за комплетирање на апликацијата, велат двете соговорнички.

Иако имаат повеќе причини кои ги навеле да заминат на студии во странство, Моника и Марија се надеваат дека стекнатото знаење ќе го применат токму во Македонија.

„Секако дека би се вратила во Македонија после завршување на постдипломските. Токму така и ги гледам овие магистерски студии – како начин да се надополни моето знаење кое потоа би го употребила за унапредување на мојата кариера. Впрочем, целта на самата стипендија на Чивнинг е, меѓу другото, да се вложи во кадар кој потоа би придонел за развојот на земјата од која доаѓа“, вели Моника, која заминува во Англија за две недели.

„Не е толку тешко да се стигне до студии во странство, ако навистина се сака. Можностите и информациите се овде, само треба долго да ги барате и да бидете упорни. Моја препорака за луѓето кои размислуваат на оваа опција е: што порано, тоа подобро, за да си ги намалат проблемите при комплетирање на апликацијата.CV-то мора да биде средено ако се аплицира за мастер студии. Мислам дека има удел и искуството кое го имате, и работно, но и практично“, советува Мирчевска.

Стефанија Тенекеџиева