Малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа – ЗЕЛС ја прифати иницијативата на Општина Центар

Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) ја прифати иницијативата на Општина Центар, малолетниците кои вандализираат да вршат општокорисна работа, соопшти градоначалникот Горан Герасимовски.

За таа цел, како што посочи, предлагаат измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.

„Бараме да се формира работна група со сите надлежни институции за да се интервенира и во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа. Целта е да креираме ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави“, пишува во статусот на Герасимовски.