Парламентарците во Малта одлучија да ја намалат возраста на која граѓаните стекнуваат право на глас од 18 на 16 години, станувајќи само втората земја во Европската Унија која го направила тоа.
За уставните промени гласаа сите 64 пратеници во парламентот, а според малтешките медиуми голем број млади ја набљудувале седницата од галеријата за посетители.
Премиерот на Малта, Џосеф Мускат, изјави дека неговата држава во понеделникот „направила историски чекор“, пренесува Дојче Веле.
Со измените, медитеранската земја со околу 437 илјади жители, добива околу 8.500 нови граѓани со право на глас. Тие за прв пат ќе можат да го исполнат правото на глас на изборите за Европскиот парламент во 2019 година.
Двете главни политички партии ја поддржаа реформата и покрај контроверзиите кои се појавија во јавната дебата поради овие измени. Советот на универзитетските студенти сметале дека сегашниот образовен систем не обезбедува доволно подготовка на младите за гласање, додека други посочија дека граѓаните и понатаму ќе мораат да имаат над 18 години за учество во избори.
Сепак, Националниот младински совет тврдеше дека намалувањето на возраста за право на глас бил во духот на демократијата.
„Постои стар демократски принцип кој вели дека не треба да постои оданочување без претставување. Доколку го прошириме принципот на 16-годишниците, тие треба да можат да гласаат бидејќи веќе им се дозволува да работат и се должни да плаќаат даноци“, изјавиле од Советот за „Тајмс оф Малта“.
Досега во Малта 16-годишниците имаа право на глас во градските совети од 2015 година.
Промените ја прават Малта втората држава на Европската Унија каде возрасниот праг за право на глас е 16 години. Претходно, слична реформа спроведе и Австрија во 2008 година.