Во тек се подготовките за претставата „Мамутот“ чија премиера ќе се одржи на 10 март годинава. Режисер на претставата е Александар Јовановски, додека пак како продуцентка се јавува Изабела Јакимова.
Јакимова информира дека „Мамутот“ е претстава од едукативен карактер, со главна цел да ја намали стигматизацијата и дискриминацијата на луѓето кои се борат со ХИВ вирусот.
Сценограф на претставата е Ненад Тонкин, а во главните улоги се јавуваат актерите Сандра Танчева и Бранко Атанасов, односно Ива и Марко.
Претставата е филозофска и го победува стравот од смртта, објаснува Јакимова. Таа вели дека едукацијата е присутна преку дијалозите помеѓу главните ликови.
„Ива и Марко се пар, а Ива е серопозитивна. Таа не покажува слабост, но се крши во себе. Марко секојдневно се бори со своите лични стравови, од кои најголемиот е – што по смртта на Ива, која стои зад нив како мамут“, се вели во описот на претставата.
Јакимова се надоврзува дека љубовната приказна на Ива и Марко се бори против стигмите, додека ликот на Др. Цимерман и Мамутот се симбол на болеста, големиот страв, силата, слободата, еднаквоста и смртта.
Јакимова нагласува дека преку уметноста, односно театарот, претставата цели да дејствува против дискриминација на лицата кои се ХИВ позитивни.
„Борбата со оваа болест не е борба на поединецот, тоа е борба за сите нас, која треба да започне со основна едукација која навистина недостасува. Најдобар начин да се уништат стигмите е да се зборува јавно и отворено, транспарентно“, вели Јакимова, додавајќи дека нема потреба од неприфаќањето и фрлањето во сенка на ХИВ позитивните лица, како и тоа дека може сосема нормално да се живее со лице кое е ХИВ позитивно.