Манга работилница во рамки на претстојниот фестивал за јапонска култура „Сакура“ во „Јадро“

Работилницата за цртање манга стрипови со графичката дизајнерка Тања Вукобрат, а во организација на Јапан@мк, ќе се одржи оваа сабота (18 мај) во културниот центар „Јадро“ со почеток од 13 часот. Работилницата е во рамките на фестивалот за јапонска култура „Сакура“ кој ќе се случи на 1 јуни во МКЦ.

„Најспецифичните анимирани ликови кои ни доаѓаат од манга стриповите ќе ни бидат претставени на оваа работилница. Иако многумина мислат дека постои само еден манга стил и на прв поглед изгледаат многу слично, има илјадници стилови и начини како може да се осмислат и креираат вакови ликови“, велат од организацијата.

Презентерката Вукобрат е дипломирана графичка дизајнерка која работи како фриленс илустраторка 10 години и најчесто изработува детски илустрации и корици на книги.

„Иако јапонската култура како целина е инспиративна, како моја најголема инспирација би ги издвоила аниме сериите и филмовите, oсобено филмовите на студиото Гибли. Како големо влијание би ги спомнала и артистите Јошитака Амано и Јоџи Шинкава“, истакнува дизајнерката за јапонската култура.

Цената за учество е 100 денари и бројот на учесници е ограничен, а секој кој е заинтересиран може да се пријави на linktree или на веб страната на Јапан@мк.

Инаку, фестивалот „Сакура“ оваа година има богата програма од 45 активности и над 200 учесници чие објавување е сѐ уште во тек. Исто така, на истите линкови сѐ уште се во тек и пријавувањата за турнирите во тркачката игра „Mario Kart 8“ и јапонската игра со карти „Yu-Gi-Oh!“, натпреварот во косплеј и повикот за волонтери на претстојниот фестивал.