Мапи, глобуси, макети и компаси во секое училиште, МОН најавува нови наставни и нагледни средства од септември

Кабинетите по историја и географија се опремуваат со различни видови географски и историски карти, глобуси, макети на сончевиот систем, компаси и друга опрема неопходна за реализирање на наставата согласно новата Концепција за основно образование, велат од Министерството за образование и наука, од каде додаваат дека од септември во сите основни училишта во С. Македонија ќе бидат на располагање новите наставни и нагледни средства по предметите од групата општествени науки.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, вчера го следеше процесот на опремување на училишните кабиенти во ООУ „Мурат Лабуништи“ во струшко Лабуништа, каде воедно и најави инвестиција од над 8 милиони денари за реконструкција на кровот, тоалетите и помошните подрумски простории во објектот.

„Продолжуваме со инвестициите за модернизација на воспитно – образовниот процес, особено во основните училишта. Тие добиваат комплетно опремени кабинети по историја и географија, исто како што во изминатиот период добија и нови кабинети по природни науки. Оваа активност се спроведува преку проектот за модернизација на основното образование и затоа изразувам голема благодарност до Светската банка, која го финансира неговото имплементирање“, изјави Шаќири, напоменувајќи дека процесот на унапредување и модернизирање на основното образование се одвива интензивно и согласно планот што е усвоен пред 2 години преку широк процес на јавна дискусија.

Од МОН велат дека во меѓувреме се интензивираат и активностите за реновирање и реконструкции на основните и средните училишта. Шаќири потсети дека со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата до крајот на оваа календарска година. Средствата се обезбедени во буџетот на МОН, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности повторно со поддршка од Светската банка.