Мапирање на супкултурите во Скопје: Вовед во движење одоздола

„Појавата на поголемо супкултурно движење во Скопје во 90-те е нераскинливо поврзана со судбината на работничката класа. Повеќето млади кои делеа големи шишиња евтино пиво или вино, дискутираа и споделуваа нова музика, книги и уметнички дела потекнуваа од работнички семејства. Дружењето на такви јавни места им даваше чувство на припадност на група и им го правеше секојдневниот живот интересен во време на општа социјална сиромаштија. Постоењето на големи, отворени јавни места во градот овозможи да се развие оваа пракса. Денес градот Скопје се соочува со долг и континуиран процес на узурпација на јавните места преку нивна приватизација и пренамена за комерцијална употреба“.

Публикацијата „Мапирање на супкултурите“, промовирана викендов во СЦ „Дуња“, дава поглед кон независната културна сцена во Скопје, а истовремено е наменета да ги инспирира младите да се осврнат назад кон историите, практиките и процесите на современата култура и организациите во заедницата.

Автори на истражувањето се Артан Садику и Ѓорѓе Јовановиќ. Спроведено е во рамките на 14-тото издание на Манифеста биенале во партнерство со „Термокис“ од Приштина. Односно, Одделението за едукација  на „Манифеста 14“ помогна да се расветли природата на супкултурните движења во три градови Приштина, Тирана и Скопје, во обид да се мапираат и трасираат истории на самоорганизирани иницијативи. Притоа, да се разбере постоечкиот културолошки систем на еден град, надвор од оној што го поддржуваат и стимулираат институциите.

„Во многу од тие места, простори, иницијативи се твори со поголема уметничка слобода. Односно, стегите што некоја помејнстрим институција може да ги наметне – не постојат на супкултурната сцена“, вели Ѓорѓе Јовановиќ за Радио МОФ.

Во Скопје, се анализирале супкултурни движења во два периоди: манифестации што се случуваа во социјалистичкиот период, кои обично се фокусираа на слободата на изразување и иницијативи што се појавија при обнова на капитализмот и повторната традиционализација на балканските општества во 2000 и 2010-те години.

„Се работи за фрагментирано, а не за сеопфатно истражување, кое имаше пократок рок. Ние се зафаќаме со простори и движења кои, на некој начин, непосредно сме ги проживеале, живееме или сме биле дел од нив. Притоа, снимени се видео разговори во филмот ‘Скопје: Вовед во движење одоздола’“, вели Јовановиќ.

Навраќајќи се назад во историјата на Скопје, авторите во воведникот од публикацијата посочуваат дека кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те се појавува контракултурата и критиката на големите наративи и славење на индивидуалното во Западна Европа, а тоа влијаело и врз локалните културни случувања.

На почетокот на 70-те, во Скопје се појавиле неколку помали супкултурни движења кои главно се манифестирале во форма на клубови за дискусии на уметниците и новите музички групи, но тие воопшто не го привлекле вниманието на јавноста. Овие клубови претежно служеле за неформални средби каде што се дискутирало за идеите за културата поврзана со европската контракултура, но без локална поддршка и контекст да прераснат во позначајно супкултурно движење“, се вели во публикацијата.

Дури во текот на 80-те се случуваат позабележителни супкултурни движења на уметничката сцена во Скопје. Две групи, „Падот на Византија“ и „Мизар“, ја претставуваат новата музичка тенденција во Скопје која набрзо прераснува во препознатлива нова тенденција што не се совпаѓа со доминатниот стил на популарна југословенска музика.

„Нивниот стил е главно пост-панк, дарквејв и готски и се поврза со новиот мрачен бран што брзо се развивал во другите поголеми градови во Југославија. Друг забележителен бенд што се појавува во средината на 80те во панк/пост-панк жанрот и кој се истакнува по мешаниот етнички состав и пеење на албански јазик, е „Бла бла бла“. Овој бенд е активен и денес“, посочуваат Јовановиќ и Садику.

Во тоа време се појавува и првиот андерграунд уметнички колектив под името „Зеро“, кој експериментирал во областа на перформансот, колективното творештво и кој и се спротиставил на официјалниот уметнички естаблишмент на социјалистичките институции.

„Во 80-те и 90-те се развиваат многу спонтани и независни иницијативи во Старата скопска чаршија, која е еден од најзначајните урбани простори во градот. Поради тоа што голем дел од старата архитектура во градот била разрушена во земјотресот во ’63, по што следела обновата во модернистички бруталистички стил, Чаршијата е единствениот поголем дел од градот што го задржува османлискиот стил на урбана архитектура. Самата чаршија го претставувала супкултурниот дел од градот, затоа што била дел каде што сите етнички, јазички и верски групи се мешале заедно и развивале свој чаршиски стил преку храната, музиката и дискурсот“, се вели во документот.

Чаршијата, фото: Ѓорѓе Јовановиќ

Во 90-те, кои се период на војни и политичка нестабилност во Југославија, авторите напоменуваат појава на многу супкултурни движења во одредени места во градот, каде што се собираат претежно млади луѓе што не припаѓаат на доминантната култура и постоечките модели на дружење.

Тоа се местата- Коцка, (мало плато во близина на Градскиот трговски центар); Фонтана – на влезот во градскиот парк; Плочник – плочник помеѓу блокови згради во центарот на градот. Овие места, велат авторите, беа јавни простори што беа трансформирани од супкултурните групи во Скопје, кои во овој период не можеа да најдат соодветен простор од некој од постоечките комерцијални простори што ќе ги задоволи нивните потреби за музика, а тоа се должеше и поради нивните ограничени финансии.

Коцка

„Важно е да се напомене дека во 90-те се развива посилен идентитет на работничката класа поради масовната приватизација на фабриките, по што следуваше отпуштање на работниците од фабриките што отидоа во стечај, и генерално, нивниот намален доход. Појавата на поголемо супкултурно движење во Скопје во 90-те е нераскинливо поврзана со судбината на работничката класа“, забележуваат Јовановиќ и Садику.

Во 1991 година новото музичко радио, Канал 103, започнува да емитува андерграунд музика на територијата на Скопје. Френквенцијата и просториите беа обезбедени од државната радио телевизија, а неговата првична намена беше да биде студентско радио.

„Радиото ги користи истите простори и денес, а фреквенцијата му е одземена и се емитува само онлајн. Ова е единственото некомерцијално радио во земјата и во живот го одржува ентузијазмот на членовите на Канал 103, кои немаат никаква заработка од радиото. Според нивните зборови, мисијата на Канал 103 е да промовира авангардна музика и идеи. Главно, радиото беше успешно во оваа мисија затоа што стана најзначајниот едукативен канал за многу генерации на млади луѓе, кои преку Канал 103 развија свои андерграунд музички проекти. Канал 103 има и продукциски дел, кој промовира музика и албуми на нови локални, регионални и интернационални музичари. Иако се уште се наоѓа во зградата на државната радио телевизија, тоа нема никаква врска со јавниот сервис и функционира целосно автономно“, стои во публикацијата.

Шурбе ги интервјуира Нина Персон (Cardigans) и Нејтан Ларсон (Shudder To Think) во Канал 103

 

Во 2015 г. беше основана една од најактивните супкултурни групи во Скопје под името Кула. Таа беше составена од дваесетина активни членови, претежно музичари и уметници, но нивните настани ги посетуваше многу поголема и шаренолика публика.

Како што посочуваат Јовановиќ и Садику, групата успеа да организира мал простор што се користеше како атеље, неформален бар, место за концерти и изложби. Сите настани беа поддржани исклучиво од донации на посетителите.

„Истата група го организираше и еден од најзабележителните супкултурни и андерграунд фестивали во Скопје ‘Под земја полесно се дише’, кој се одржуваше еднаш во годината во голем подземен паркинг во центарот на градот. Фестивалот, кој досега имаше седум изданија, опфаќаше концерти, проекции, изложби и печатени уметнички изданија. Идентитетот на групата беше главно автономен и ‘направи сам’ (DIY), без силна политичка определба, иако тие секогаш стоеја на дистанца од формалните институции, донатори и државата. Социјалниот центар Кула се затвори, но фестивалот се’ уште го организираат истите луѓе. Исто така, еден од најавангардните андерграунд бендови во поновата музичка продукција во Скопје произлезе од овој колектив. Двајца членови на Кула го основаа КННТ, и нивната музика, во тој период беше звукот на андерграундот на Скопје“, стои во документот.

Публикацијата најопширно се осврнува на шест простори/движења. Меѓу нив е Кооперација, за кој авторите велат дека е еден од ретките независни критички уметнички колективи што се појавија во Скопје по 2010 година.

Кооперација

„Сочинета од група на авангардни современи уметници, куратори и теоретичари од Скопје со цел да ги користат уметноста и културата за да развијат паралелна општествена иманентност на репресивната држава и власта во периодот додека постоеше. Нивните проекти се одликуваа со радикална нота кон конформизмот на општеството и силно противење на официјалната државна политика. Исто така, Кооперација се спротиставуваше на мејнстрим идејата на населени/имобилизирани простори за создавање и изложување уметност, и на тој начин отвори многу необични, неинституционални простори за реализација и претставување на нивните проекти, како: студентски пералници, приватни дворови и станови итн“, пишува во документот.

Игор Тошевски, член на Кооперација

Соочена со напливот на национализам и популистичка реторика на либералниот капитализам, кој продре и во најситните општествени пори, културната сцена во Македонија се најде во ситуација на се поизразена поделеност. Јавните институции станаа официјални алатки на политичките елити во улога на афирматори на автократските позиции на моќ, додека независните културни центри – поради недоволно финансии или лоша структура, се повлекоа или целосно исчезнаа. Присвојувањето на јавниот простор преку изградба на трговски центри и цркви/ џамии, од една страна, како и задушувањето на јавните медиуми и цензурата, усвојувањето на новиот закон за клевета и грубото прекршување на основните човекови права, го намалија општествениот простор за културна акцијa.

Владимир Јанчевски, член на Кооперација

Кооперација се случи во контекст на посистематско узурпирање на јавниот простор, кога политиката во земјата почна да станува многу понационалистичка и авторитарна. Државата и институциите зборуваа за нацијата, што се одрази и во јавниот простор. Околу 2009 г. имаше многу различни реакции против овој потег на државата, како протести и други иницијативи, и ние започнавме серија разговори меѓу уметниците за тоа што треба да се направи. Дискутиравме за можните модели на интервенција и кон крајот на 2011 г. одлучивме да се собереме во уметничка иницијатива што ќе даде директен одговор на процесите на узурпирање на јавниот простор и ограничувањето на слободата на изразување.

Документот потсетува дека ова неформално здружение на уметници во кое делуваа Игор Тошевски, Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ, група ОПА, Филип Јовановски, Оливер Мусовиќ, Никола Узуновски и други, сакаше да експериментира со алтернативни методи на делување во тешки услови и да покаже дека моќта за создавање на нови вредности е токму кај автономните и независните иницијативи, наспроти девалвираните програми на државните институции.

„Кооперација беше модел што покажа дека колективите може подобро да се справат со социјалните потреби и да привлечат побројна публика што ќе се вклучи во социјалната дискусија за улогата на уметноста во период кога официјалната политика се повеќе се вртеше кон десно“, стои во документот.

Делата на Кооперација главно се занимаваа со институционална критика, социјален ангжман и преиспитување на постоечките вредности во новото македонско општество, преплавено од треската на нов националистички идентитет, наспроти општата дезориентираност.

„Името Кооперација е природна референца на потребата од заедничка акција што има и идеолошка антикапиталистичка позадина за истражување на кооперативни модели. Во април 2012 г. се здружија седум уметници и ја организираа првата изложба, која беше отворена на 18 април 2013 г. во мала студентска перална ( со површина од одвај 20 квадратни метри) каде што машините за перење се’ уште работеа. Изложбата се викаше 800 вртења во минута а учествуваа шест уметници. Следните изложби кои тие ги реализираа беа и: ЕПП (посветена на поп културата и кичот), Стратегии на сеќавањето (во станот на ликовниот критичар Небојша Вилиќ), Лични политики, итн“, стои меѓу другото за Кооперација.

Документот се осврнува и на Ла Кања, едно од најкултните места за алтернативна музика/концерти и дружење во Скопје. Мотивот на луѓето од Ла Кања е да се обезбеди евтино, едноставно дружење каде што фокусот е на новата андерграунд музика. Ла Кања организира музички вечери речиси секој ден во неделата, а општото правило е да се пушта интересна музика.

„Не е баш најјасно што точно тоа значи, но публиката обично добро реагира на квалитетот на музиката“, се вели во публикацијата.

Локалот Ла Кања е место за средби и дружби на алтернативни музички групи од Скопје и регионот и за концерти на странски алтернативни бендови што се на турнеја во регионот. Сопствениците и гостите на Ла Кања се претежно музичари и како резултат на нивните долгогодишни дружби, во барот се создале и промовирале многу музички проекти. Локацијата досега се менуваше четири пати, а последните три се во култниот и импресивен стар дел на Скопје или локално познат како Чаршија.

„Бидејќи е едно од ретките места во Скопје што постојат првенствено за музика, Ла Кања служи и како место каде што локалните бендови и музичари ја промовираат својата музика пред публиката. Некои од најпознатите бендови што настапувале тука се: Сусијат, Верка, Arms and Sleepers, Soviet Soviet, Millions of Dead Tourists, Мугер фугер, Фонија и многу други изведувачи кои придонеле за градење на специфичниот стил на местото. Покрај концертите, Ла Кања е и место каде што се одржуваат добротворни настани за многу локални иницијативи за солидарност и поддршка на ранливи лица, заедници и иницијативи“, потенцирано е во документот.

Ла Кања

Она по што Ла Кања се разликува од другите „нормални“ барови во Скопје и она што го прави посебно место за дружење, пишуваат авторите, се некомерцијализираните односи што се негуваат меѓу луѓето што доаѓаат и ставот на луѓето што работат во барот.

„Кога ќе одите во Ла Кања првиот впечаток е дека се работи за заедничко место, а не само уште еден бар, дека луѓето тука се дружат меѓу себе дури и кога не се договориле да се најдат. Затоа ова е простор што овозможува социјална и уметничка размена без однапред утврден план. Отворен и флуиден простор за средби што можат да водат по различни патишта до доцна во ноќта по Ла Кања“, наведуваат авторите.

Деан Змејковски – Змејко

Поминаа 12 години и не беше лесно за едно андерграунд место. Имаме редовни гости што се тука со години, од самиот почеток. Обично тоа се луѓе кои знаат дека овде секогаш има нова музика, музика од тековниот месец, дури и од дента. Не е лесно да се одржува место со специфична и поапстрактна музика. За мене ова не е бизнис, треба само да можам да ја платам киријата и струјата. На многу луѓе во Скопје ове место им е како дом и немаат друго вакво место во градот. Но понекогаш има долги периоди кога доаѓаат малку луѓе. Кога почна Ла Кања идејата беше да има свирка и настан секој ден.

За Дуња, објавено е дека се работи за социјален центар, каде што се собира политички и културно дефинирана група што се идентификува како антикапиталистичка, антипатријархална, антихиерархиска, антинационалистичка. Социјалниот центар Дуња е колектив што овозможува активизам, теорија и уметност со многу јасно дефиниран идеолошки обем.

„Социјалниот центар Дуња е продолжение на работата на групата активисти кои претходно го раководеа Скопје: вовед во едно субкултурно движење АКСЦ (Автономен културен и социјален центар) и кои беа дел од движењето Солидарност – левичарско движење со поширок обем на идеолошка припадност на членовите и други активности ангажирана во еколошка, социјална, урбана и културна борба“

„По затворањето на АКСЦ, кое користеше заедничка просторија во една стара станбена зграда, а која беше дадена на приватна компанија за поголема кирија, активистите најдоа нов простор во центарот на градот. Киријата за просторот се покриваше со средства од движењата Солидарност и преку индивидуални донации на луѓе поврзани со центарот. Откако активностите на Солидарност се намалија, најактивните членови на Дуња формираа нивен колектив во 2016 г. Оттогаш центарот се профилира како анархистички, автономен и антикапиталистички колектив со хоризонтален модел и не добива никакви средства од институционални и меѓународни донатори, невладини организации ниту од државата“, стои во документот.

За СЦ Дуња, меѓу другото, пишува дека е простор кој има за цел нова култура на отпор кон доминантните неолиберални политики што преку економска нееднаквост доминира во меѓучовечките односи, преточено во авторитарен капиталистички систем.

„Ова е простор каде што ги развиваат политичките вредности на економска, еколошка и социјална одржливост, што треба да се постигне преку посветеност на солидарноста, еднаквоста, другарството, социјалната правда, родовата еманципација, емпатија и колективна свест. Активностите што се организираат во Дуња се непрофитни и некомерцијални. Редовно се организираат разновидни настани и иницијативи, како изложби, филмски проекции, дебати, работилници, концерти, предавања, промоции, претстави, состаноци, итн. а темите што се покриваат се практично неограничени, од одржливо готвење до работилници за урбано градинарство, квир револт, часови по цртање за деца, хакирање, поддршка за бегалци, засолништа за животни, итн“, наведено е во публикацијата.

Дуња

Во текот на зимските месеци Дуња честопати служи како засолниште за бездомните лица, каде што може да добијат бесплатен оброк, топла постела и облека. За да се поддржат овие лица, членовите на колективот организираат донаторски настани за собирање на храна и облека. За време на пандемијата се организираа неколку такви настани за сиромашните семејства. Кога се случи големата бегалска криза, активистите од колективот Дуња беа најактивни во земјата во обезбедување на директна помош и поддршка за бегалците, при што ризикуваа да бидат уапсени и казнети од државните институции.

Шиндре, активен во Дуња

Дуња се залага за ново општество што мислиме дека е можно. Нашата цел не е само да ја промовираме таа идеја, тука и активно да ја практикуваме тука. Дуња е антиконсумеристичка заедница што наоѓа свој начин да биде одржлива преку реупотреба на многу материјали што во мејнстрим општеството се користат само еднаш и потоа се фрлаат. Во колективот немаме аскетски пристап кон парите. Всушност многу дискутираме за парите, зборуваме колку ни се потребни за нашите настани, колку пари им се потребни на членовите на колективот да го живеат својот живот, колку пари треба да се соберат за четиричлено сиромашно семејство што е заборавено од државните институции, итн. Можностите што постојат во општеството се направени за капиталистите да акумулираат пари, а не за обичните луѓе да имаат пристоен живот. Затоа ние се дистанцираме од овој систем и се стремиме кон комунистичко општество каде што добрата ќе ги делат сите членови на општеството.

Публикацијата го анализира и културниот центар Точка што постоеше на почетокот на 2000-те беше еден вид на културен „контра центар“, место во главниот град каде што маргиналните културни групи редовно се среќаваа и правеа заеднички напори за свое претставување пред неспоредливо cè поголемата културна публика.

Задоволувајќи ја потребата за алтернативен културен јавен простор, се вели во документот, Точка набрзо стана живо и признато место не само за целите на проектот, туку и како место за средба и поддршка на многу други културни и јавни иницијативи, на други културни и уметнички организации, групи и поединци.

Точка

„Поради ова, ‘оф-програмата’ на центарот многу често се одржуваше и беше наменета за различна публика. Во периодот од 2002 до 2010 година, во Точка се одржаа повеќе од 300 различни настани, често со децентрализирано раководство. Точка успеа да ги разбуди младите креативни луѓе од различна културна и етничка припадност од ужасната апатија и даде пример како општеството може да се смени со културна акција. Точка беше едно од првите независни културни и уметнички места во Скопје по 90-те години. Проектот беше почнат од здружението Контрапункт, кое е исто така едно од првите независни културни организации во земјата“, стои во документот.

Искра Гешоска, поранешна директорка на Точка

Градот, како сложена структура, се состои од индивидуални простори, институции и актери, активности и дискурси. Врската меѓу поединецот и општеството се одразува во урбаниот простор. Овде, според Георг Симел, се открива урбаниот менталитет, кој се одликува со комплексни врски и ситуации. Јавноста не постои однапред како дефиниран ентитет. Таа се гради во отворена, трајна мобилност. Последиците од таа перспектива во поглед на културните политики и практики на Контрапункт, што беше и главниот мотив за отворање на културниот центар Точка како јавен простор, се радикално преиспитување на доминантните концепцти за културна продукција и потрошувачка. Ова отвора низа можности за нови активности, со што може да се овозможи појава на нови социо-културни структури. Во оваа смисла, постоењето на јавен простор е централна карактеристика и предуслов за урбаното. Во физички простор, културниот центар Точка се однесува на изградената средина, инфраструктурната организација и архитектура на местото, материјалната карактеризација на социјалната површина и одредување на тековните интеракции.

Со лесниот пристап и отворената структура, се вели во документот, Точка беше дом за луѓето од независната културна сцена, претставуваше простор каде што луѓето се среќаваат, разменуваат идеи, развиваат проекти и преку различни проекти учеа за процесите на демократизација на културната сцена и општеството генерално.

„Просторот на културниот центар Точка беше овозможен од државните институции кои им дадоа неискористен простор на веќе препознатливата независна културна сцена на која и недостигаше физички простор. Постоењето на Точка главно се вртеше околу две неопходни работи што се заемно поврзани: (1) независно културно движење во градот (поврзано и со другите градови) и (2) простор каде што ова движење ќе може да ја реализира својата уметност, книжевност, критичка теорија, театар, музика, итн. Иако официјалната програма на центарот беше финансирана од меѓународни донатори, тие средства не беа доволни да се одржува нов простор откако поддршката од државата за постојниот простор беше прекината. Ова беше крај на ‘животот’ на независната културна сцена што се разви околу Точка. Уметниците, теоретичарите и културните работници кои го обликуваа центарот, а преку центарот и себеси, понатаму развиваа свои иницијативи, проекти, соработки и нови институции што во моментов ја сочинуваат генералната културна сцена во земјата. Речиси сите сегашни релевантни уметници, теоретичари, музичари, фестивали, проекти, здруженија и иницијативи во областа на културата и уметноста во земјата во минатото биле на некој начин поврзани со културниот центар Точка“, пишува во документот.

Во однос на Шортбас, публикацијата го карактеризира како уникатен простор за квир уметност/музика во Скопје каде што се собираат претежно помлади квир лица.

„Порано имаше неколку ‘неофицијални’ барови и клубови (Ретокс, Дамар) во Скопје што беа пријателски настроени за квир лицата, но со нивното затворање повеќе немаше такво место за луѓето што не се вклопуваат во доминантниот општествен сексуален и културен идентитет. Кога Шортбас се отвори во 2019 г. веднаш стана место каде што многу младата и нова генерација на квир лица почнаа да ја промовираат својата музика и други уметнички проекти. Шортбас отворено се декларира како ЛГБТИ простор што ја промовира квир културата во Скопје. За многу кратко време беше препознаен како простор што создава содржина што не е важна само за квир заедницата, туку и за пошироката публика на уметници, млади лица и културни работници“, стои за Шортбас.

Шортбас се наоѓа во центарот на градот и е лесно достапен за сите. И иако мејнстрим општеството не е многу пријателски настроено кон луѓето со поинаков сексуален идентитет, ова место (за среќа), велат авторите, не беше цел на поединечен или организиран напад. Затоа служи како безбедно место во центарот на градот за младите квир лица кои не можат слободно да ги покажуваат своите чувства на други јавни места или барови.

Шортбас

„Стилот што го негува заедницата во Шортбас е хипстер/ винтиџ џинс што не е скап и често е од продавници со користена облека. Па така стилот ја претставува креативноста на младите да трансформираат ефтина облека преку различни комбинации, но и нивното потекло од работничката класа. Повеќето што доѓаат во Шортбас се студенти или неодамна дипломирани и се уште не се вклучени на пазарот на труд. Честопати тоа не е намерно, поради што работат хонорарно во барови или како слободни дизајнери, композитори, итн“, забележано е во публикацијата.

Со Шортбас раководи група луѓе која работи во барот и која ја организира музичката и културната програма. Членовите на колективот постојано се менуваат, се вклучуваат нови луѓе кои носат нови идеи и енергија во просторот. Според авторите, Шортбас се разликува од другите простори и проекти во Скопје што се потпираат на група луѓе подолг временски период, и има навистина жива и флуидна заедница што го одржува во живот.

Висар Мемеди, организатор на настани во Шортбас

Шортбас е местото каде што се развив како уметник и каде што пораснав како човек. Ова место ми е како дом. Овде наоѓам целосна слобода за моите идеи како креативна личност. Луѓето што доаѓаат овде се претежно од ЛГБТИ заедницата, оние што не можат да се вклопат во меинстрим општеството и неговата хетеро култура. Со доаѓањето овде кажав „еби се“ на сето тоа. Овде запознав многу млади уметници и инспиративни луѓе со кои разменувам мислења за квир уметноста. Мојата кариера како диџеј и дрег кралица се развиваше во овој простор. Често слушам коментари од луѓето од меинстрим општеството дека местото е полно со педери, зависници од дрога и чудаци, но слушам и коментари дека ова е место за нови уметници, дека ова е ново хипстерско место.

Анализата е заокружена со приказната за Дамар, нераскинливо поврзана со најинтересниот дел на Скопје, старата чаршија. Ова место на кејот на реката Вардар, на другата страна од градскиот плоштад, е историскиот центар на градот што се развил за време на османлискиот период. Тоа е центар со многу мали работилници, занаетчии, ресторани и кафулиња. Тука се наоѓаат и најпрепознатливите објекти од османлискиот период, како Капан Ан, Сули Ан, Куршумли Ан и Безистенот.

„Во периодот од 70-те до 2000 година, Чаршијата се разви како место на супкултурни иницијативи чии идеи созреваа во малите кафулиња и клубови. По етничкиот конфликт во 2001 г. Чаршијата стана место на поделба на Скопје на два дела – македонски и албански. Некои делови беа активни само преку ден, додека навечер беше целосна темница. По речиси една деценија на мрак и поделба, Дамар беше првиот бар што се отвори во овој дел од градот и луѓето почнаа да се движат низ Чаршијата и навечер. Отворањето на Дамар донесе голема промена во динамиката на градот, бидејќи фрли светло на еден од најкултните делови на градот што доведе до целосна трансформација на просторната динамика на градот“,

Ангелика Апсис, основачка на Дамар

На самиот почеток, кога јас и Арта ја отворивме вратата на местото што беше затворено со децении и претходно се користело како мала занаетичиска работилница, ниту еден наш пријател на веруваше во успехот на оваа идеја и не понудија помош. Еснафот од Чаршија веднаш почна да се собира овде и да им помага на „двете девојки на точакот“. Ситуацијата во Чаршија во тоа време беше очајна затоа што беше напуштена и ретко кој поминуваше тука. Затворањето на Камениот мост придонесе за „изумирањето“ на Чаршија затоа што тоа беше најлесниот пат да се дојде од центарот на градот. Одлучивме местото да го наречеме Дамар, затоа што мислевме дека ќе донесе свежа крв во Стара чаршија. И така и беше. На отворањето имаше околу 1.000 луѓе. Веднаш стана срце на Стара чаршија.

Авторите на анализата потсетуваат дека луѓето што доаѓаа во Дамар беа прогресивни и либерали што се спротиставија на поделбата на градот и овоможија спојување на „двата одвоени дела“. Откако на почетокот беа доживеани и наречени отпадници кои бараат забава во „забранетиот дел“, за неколку години оваа пракса стана нормална и во Чаршија се разви многу жива музичка и уметничка сцена.

„Се работеше за независен музички и перформанс колектив што правеше независни филмови, театарски претстави и квир перформанси. Една деценија тоа беше место за слободно истражување на уметничкатата мотивација и помогна да се создаде мрежа на уметници, активисти и теоретичари кои подоцна ги одржаа нивните врски и изградија нови колективи и проекти. Во таа смисла, Дамар беше една од клучните искри за натамошниот развој на супкултурата во Скопје. Една од карактеристиките на Дамар беше тоа што овозможи голема продукција на уметнички изложби, перформанси и филмови од неуметници. Затоа стана место за слободно истражување на креативноста без никакви професионални ограничувања. Понекогаш наликуваше на сцена за гротескна уметност и култура каде што обичните луѓе ги ‘имитираат’ големите уметници, со што започна нов тренд во градот“, пишува во документот.

Дамар

Како еден од најпосетуваните и најинтересни перформанси што се одржаа во Дамар, истакнат е римејкот на перформансот „Уметникот е присутен“ на Марина Абрамовиќ, танцова изведба на сцени од филмот „Пина“ посветен на Пина Бауш и традиционалниот квир натпревар по убавина „Дамар убавина“.

„Стилот на гостите во Дамар беше добар и модерн дизајн со голема љубов за винтиџ облека од 60-те и 70-те. При подготовка на кореографијата за настаните во Дамар, обичните луѓе беа вклучени во дизајнирање на сцената и облеката, поради што просторот наликуваше на соседните мали традиционални работилници, но со поинаков момент – неконвенционално и квир. Повеќето луѓе што излегуваа во Дамар и беа дел од заедницата беа на возраст од 30, 40 и 50-тина години и кои имаа некаков стабилен приход и беа успешни во нивните професии и имаа потреба од поинаква забава што ја немаше на ниту едно друго место во градот. Додека другите супкултурни места во градот имаа повеќе или помалку политичка содржина или идеја во нивната понуда, Дамар немаше такви претензии. Нудеше само забава што беше по малку квир и затоа беше противтежа на меинстрим забавата во градот“, забележува публикацијата.

Авторите потенцираат дека Дамар престана да постои кога Чаршија стана презаситена со многу барови, кафулиња и ресторани, што си го намалуваа меѓусебниот простор, што доведе до мешање на музика, звуци и луѓе од различни места.

„Во таков нов просторен контекст Дамар не можеше да продолжи со одржување на истите настани и активности како порано, со што луѓето од Дамар се раштркаа низ други делови на градот. Но решавачки момент за конечно затворање на Дамар беше нападот на одредени политички мотивирани групи, кога тој беше целосно демолиран. По овој настан, луѓето беа уплашени и не се чувствуваа безбедно, па Дамар не успеа да се опорави од ова“, се констатира во документот.

Новинар: Бојан Шашевски
Фотографиите се собирани од авторите на публикацијата „Мапирање на супкултурите“